Министерството за транспорт и врски завчера изврши прелиминарна распределба на социјалните згради во Гевгелија и Демир Капија.
Право на учество на јавниот повик за распределба имаа деца без родители или родителска грижа, со навршени 18 години кои до исполнување на полнолетство биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, социјално загрозени лица – припадници на Ромска заедница и самохрани родители со малолетни деца.
“Особено ми е драго кога политиките кои ги водиме носат резултати и ова е пример за нашата вистинска грижа, за обезбедување на хумани услови и достоинствен живот за граѓаните на кои тоа им е најпотребно. Тоа е наша обврска, а среќни граѓани е мотивација повеќе да работиме на подобрување на животниот стандард и подобра иднина за сите. Денеска извршивме распределба на становите во Гевгелија и Демир Капија. Континуирано спорведуваме политики да помогнеме на ранливи категории граѓани кои немаат сопствен дом, да дадеме поддршка, особено во овие тешки времиња”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
По извршената прелиминарна распределба, Комисијата за станбени прашања на терен ќе изврши веродостојност на доставената документација и фактичката состојба. Конечната листа на семејства што ќе добијат социјални станови ќе биде утврдена по завршувањето на теренскиот увид.
Работната посета во Гевгелија, министерот Бочварски ја искористи и да оствари средба со градоначалникот Сарамандов, на која разговараа за инфраструктурните проекти што се реализираат во општината.