Денеска, (11.04.2023) во Брисел, Белгија, во Канцеларијата на Советот на полициски синдикати од Европа (CESP), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на Презентација на Стратешкиот документ „Негување на семето на промените: Како новиот полициски пристап може да ја обликува иднината на Европа”, а во присуство на претставници на Советот на Полициските синдикати на Европа, претставници на Советот на Европа, Рикардо Валадас, претседател на Советот на Полициските синдикати на Европа.
„Високо ги цениме напорите на CESP и на сите партнери кои учествуваа во подготовката на овој нов значаен документ, за кој изразувам надеж дека ќе ги оствари визиите на неговите автори да биде нова светла и силна порака за секој полициски службеник и за полициското работење во Европа. Сепак, степенот на развој на интеграциите ги воедначува бројните полициски активности кои можеме да ги анализираме низ призмата на заеднички прашања или задачи кои ги извршуваат повеќето или сите полициски служби во Европа. Со нетрпение очекуваме да се запознаеме со предложениот модел на унапредување на полициската професија, како и со новиот полициски пристап на одговор на современите безбедносни предизвици”, рече министерот Спасовски, со уверување дека со особено внимание ќе се пристапи кон анализа на предложените мерки и активности и сите предлози кои се соодветни, реални, мерливи и применливи за условите и приликите во Северна Македонија, ќе бидат прифатени и ќе станат дел од редовното полициско работење.
„Токму во таа насока се одвива и професионалната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат. Заеднички, а со силна посветеност за изградба на современа полициска служба која ќе биде гарант на европските вредности, но и ќе работи во „европски“ услови, успеавме да реализираме бројни успешни проекти кои имаа за цел да ги подобрат условите за работа на полициските службеници и да ја промовираат полицијата во најпочитуваната институција во Република Северна Македонија”, истакна министерот Спасовски, уште еднаш потенцирајќи ја отвореноста за продлабочување на таквата соработка, како со Македонскиот полициски синдикат, така и со Советот на Европските полициски синдикати.
Извор: Влада