Актуелната состојба и односите помеѓу Ерменија и Азербејџан беа главна тема на денешната средба на Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи со министерот за надворешни работи на Ерменија, Арарат Мирзојан.
„ОБСЕ ги поддржува иницијативите за постигнување на мировен договор. Од огромно значење е конечно да се решат долгогодишните прашања и да се нормализираат односите меѓу вас како наши важни партнери. На крајот на денот, најголема придобивка од одржлив мировен договор ќе имате токму вие и граѓаните, и на Ерменија и на Азербејџан“, рече Османи на средбата со Мирзојан.
Османи се интересираше за статусот на мировниот договор, како и за севкупната безбедносна ситуација во земјата, како и за состојбата на притворените Ерменци во Нагорно-Карабах.
„Дозволете ми да ја истакнам мојата целосна поддршка за тековните напори за посредување и за воспоставување стабилност на терен. Се надевам дека искуството и предностите на ОБСЕ може поактивно да се искористат за безбедноста во вашиот контекст“, рече Османи.
Османи и Мирзојан, исто така, разговараа и за загриженоста на Ерменија за состојбата во Лачинскиот коридор и ефектите од неа врз животот и егзистенцијата на населението од оваа област.
„Ги разбирам грижите на Ерменците, и во духот на нашето претседавање ‘За луѓето се работи’ ги охрабрувам сите страни да продолжат со преговорите, наспроти употребата на сила и принуда во решавањето на споровите“, истакна Османи на средбата. Тоа се однесува и на прашањата на демаркација и отворање на комуникациските линии, додаде Османи.
Како што истакна Османи, преговарачкиот процес може да биде комплициран и тежок, но треба да надвладее перспективата за добрососедски односи и трајна стабилност.
„Мора да гледаме со надеж во иднината и надвор од нашите непосредни грижи за да ја видиме големата слика, а таа е договор што може да се постигне преку силно лидерство, добри намери и политичка волја“, рече Османи.
Османи уште еднаш ја истакна посветеноста на ОБСЕ кон Ерменија во нејзините напори и аспирации за обезбедување на одржлив мир.
„Бидете уверени дека како Претседавач со ОБСЕ ќе работам на зајакнување и продлабочување на нашата соработка, промовирајќи мир и стабилност во овие неизвесни времиња“, потенцираше Османи.
Во текот на денот, Османи ќе се сретне и со претседателот на Ерменија, Вахан Хачатуријан, премиерот, Никол Пашинјан и делегација на Парламентарното собрание на ОБСЕ од Националното собрание на Ерменија.
Извор: Влада