Министерот за економија Крешник Бектеши вчера на прес-конференција во Владата информираше за четири јавни повици кои ги објави Министерството за економија од Програмите за поддршка на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
Во прилог целосно обраќањето на министерот Бектеши:
Како што најавив на крајот на минатата година кога го презентиравме Буџетот на Министерството за економија за 2023 година, во оваа тешка криза со која се соочува целиот свет, најважно за нас како Влада е да го заштитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите и дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата.
Така фокус на Министерството за економија во 2023 како што кажав освен справување со ценовната криза е и енергетиката и справување со енергетската криза.
Министерството за економија како надлежно министерство за политиките во делот на енергетиката поддржува активности за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност, со цел реализација на зацртаните цели за учеството на обновливите извори на енергија утврдени во стратешките документи во насока на постигнување на национална цел за заштеда на енергија.
За таа цел, Министерството за економија почнувајќи од 2007 година успешно ја спроведува Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата. Со оваа програма се предвидува да бидат објавени јавни огласи за секоја од мерките и истите се објавени денес (20.04.2023). Средствата од оваа програма во вкупен износ од 70.000.000 денари ќе се користат за реализација на следните мерки:
1. Надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2023 година вкупно предвидени 25.000.000 денaри и ќе опфати околу 1.200 домаќинства
Со цел домаќинствата во нашата држава да ја подобрат енергетската ефикасност на своите домови, а со тоа да заштедат електрична енергија, Министерството за економија, на лицата кои ќе купат и вградат ПВЦ или алуминиумски прозорци во своите домови, ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 50 %, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2023 година, под услов купувачите досега да не користеле средства за оваа мерка.
Право на учество на овој јавен оглас ќе имаат лицата кои имаат купено и вградено ПВЦ или алуминиумски прозорци во своите домови во периодот од денот на објавување на јавниот оглас до 31.07.2023 година.
2. Надоместување на дел од трошоците за купување на сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2023 година вкупно предвидени 15.000.000 денари и ќе опфати околу 1000 домаќинства
Со цел стимулирање на користењето на сончевата енергија, на купувачите на сончеви термални колекторски системи (колектори, резервоар за топла вода и потребна инсталација), кои ќе ги купат и вградат во своите домови, Министерството за економија ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 30 %, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за 2023 година, под услов купувачите досега да не користеле средства од оваа мерка.
Право на учество на овој јавен оглас ќе имаат лицата кои имаат купено и вградено сончеви термални колекторски системи во своите домови во периодот од денот на објавување на јавниот оглас до 31.07.2023 година
3. Надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење за 2023 година вкупно предвидени 30.000.000 денари и ќе опфати околу 370 домаќинства
Со цел стимулирање на домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, на лицата кои ќе купат и инсталираат фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка, на градба на која имаат право на сопственост или користење, Министерството за економија ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 30 %, но не повеќе од 80.000 денари по домаќинство за 2023 година.
Право на учество на овој јавен оглас ќе имаат лицата кои имаат купено и инсталирано фотонапонска електроцентрала за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка, на градба на која имаат право на сопственост или користење во периодот од 01.01.2023 година до 31.10.2023 година.
Доколку барателот достави доказ во оригинал за направените трошоци за проектна документација (фискална сметка или фактура со извод од деловна банка или уплатница во периодот најрано од 1 јануари 2023 година) истите ќе му бидат земени во предвид при утврдување на надоместокот на дел од трошоците.
4. Исто така, Министерството за економија, за прв пат оваа година, со цел диверзификација на изворите на енергија, изготви Програма за поттикнување на сигурноста во снабдувањето со природен гас во домаќинствата за 2023 година. Јавниот оглас е објавен во два дневни весници и на веб страната на Министерството за економија на 20.04.2023 година.
Средствата од оваа програма во вкупен износ од 10.000.000 денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за изработка на проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или изведба на приклучок на системот за дистрибуција на природен гас на домаќинствата до 70%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2023 година во Струмица и Куманово.
Право на учество на овој јавен оглас имаат домаќинствата кои имаат изработена проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или имаат извршено приклучување на соодветниот систем за дистрибуција на природен гас во периодот од 01.01.2023 година до 31.10.2023 година.
Главна цел на оваа мерка е обезбедување на квалитетни, оптимални услови за живеење од аспект на квалитетно загревање на домаќинствата со добивање на топлинска енергија од систем кој користи енергенс кој е поекономичен, еколошки чист(во однос на мазутот, јагленот и огревното дрво) и заштедува финансиски средства, односно ги намалува трошоците во однос на постојниот начин на загревање со електрична енергија и систем кој е одржлив на долг рок, подигање на еколошките стандарди, подигање на еколошката свест во Република Северна Македонија, како и намалување на PM10 честичките и СО2 во атмосферата и поголема заштита на животна средина.
Покрај за домаќинствата, програмата индиректно ќе помогне и во надминување на проблемите и задржување на ликвидноста на компаниите од гасниот сектор кои беа најмногу погодени од тековната светска енергетската криза.
Извор: Влада