spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Основците од Коменски се новите прваци во кошарка

Карпош: Основците од Коменски се новите прваци во кошарка

Во возбудливиот финален меч кој се одигра денеска во спортската сала на ООУ „Војдан Чернодрински“, тимот на ООУ „Јан Амос Коменски“  го совлада  својот спортски ривал, екипата од ООУ „Владо Тасевски“ и на тој начин стана нов шампион во  рамки на училишната кошаркарска лига на Општина Карпош, 2023 година.

Екипата од Тафталиџе мотивирано влезе во денешниот дуел и заслужено дојде до победничкиот пехар.

Како што доликува на едно големо финале, мечот изобилуваше со одлични кошаркарски акции и жестока борба под обрачите. До крајот на првото полувреме распоредот на силите беше изедначен, така што на пауза, момчињата од Тафталиџе се упатија со предност од само три поени (20:17). Сепак, во последната четвртина, кошаркарите на „Коменски“, пред сé, благодарение на солидната одбрана и консолидираниот напад кон противничкиот кош, успеаја да ја нарушат резултатската неизвесност и ја доведоа завршницата од финалето во своја полза, со конечен резултат 44:28.

Во борба за бронзата пак, основците од „Димо Хаџи Димов“ беа поубедливи од екипата од ООУ „Вера Циривири Трена“, каде што славеа со резултат 28:19.

Општина Карпош обезбеди еднократна парична награда за најуспешните млади кошаркари, кои остварија најдобри резултати во рамки на училишната кошаркарска лига на Карпош. Имено, Алексеј Нешовиќ од ООУ „Јан Амос Коменски“ беше прогласен за најдобар играч, позицијата најталентиран играч на овогодинешната лига ја зазема Павел Ѓиновски од истото училиште, додека Жарко Терзиевски од ООУ „Димо Хаџи Димов“ се стекна со титулата најдобар стрелец.

Победничките трофеи, медали и дипломи, на најдобрите кошаркари и екипи им ги врачи Советникот од Општина Карпош, Дејан Лазаревски ,кој воедно е и претседател на Комисијата за спорт.

 

 

 

 

Извор: Општина Карпош 

Прочитајте

Велес: Градежни зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“

0
Почнаа градежните зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ на Којник. Во соработка со ЈКП Дервен ќе се заменува старата дотрајана водоводна мрежа на улицата, а...