spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаМаричиќ: Потребно е сега да се направат уставните измени, сигурен сум дека...

Маричиќ: Потребно е сега да се направат уставните измени, сигурен сум дека до крајот на оваа декада ќе има проширување на ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во „Студио 10“ на ТВ24 изјави дека важно е кога ќе се реализираат уставните измени и дека од нас зависи дали и Северна Македонија ќе биде дел од проширувањето на Европската Унија, кое според него треба да се случи до 2030.

– Немаме луксуз да го губиме тоа време, гледате и ситуацијата во Украина и односот на ЕУ кон Украина создава едно чувство на итност дека треба да се решат овие прашања побргу. Ја користиме комплетната временска рамка што ја имаме на располагање, и поаѓаме од една претпоставка дека сите ќе се постават одговорно, на ниво на задачата и државнички во овој процес, рече Маричиќ.

Тој најави дека веднаш по празниците, ќе има составување и формулација на предлозите за уставните измени и посочи дека во работната групата треба со рационален пристап, да се дискутира за тоа како најбрзо, наједноставно и најразумно да се предложат уставни измени за коишто ќе може да се стигне до 80 пратеници.

Маричиќ рече дека јавноста треба да знае оти оваа обврска нема да исчезне или дека е добро да се реализира подоцна, потенцирајќи дека не смее да се губи време.

– Ова време ни е драгоцено. Веќе сме ги почнале преговорите, скринингот тече и досегашното искуство ни вели дека вакви обврски низ годините ако ги оставаме стануваат потешки, не полесни. Јас ве уверувам дека ова е многу битно да го завршиме оваа година, за да можеме понатаму да влеземе во наредна фаза од којашто нема да има враќање назад, посочи вицепремиерот додавајќи дека е сигурен оти „до крајот на оваа декада ќе има проширување на ЕУ и тоа го кажуваат сите сигнали, особено во контекстот на Украина и Молдавија и ситуацијата таму.“

 

 

Маричиќ рече дека треба да имаме предвид дека оваа година е клучна, за решавање на одредени прашања, надоврзувајќи се на состојбите во регионот каде според него има „вид на позитивен притисок да се реши и косовското прашање и да се стабилизира состојбата во Црна Гора, затоа што наредната година е изборна во ЕУ“.

На прашањето дали уставните измени може да бидат успешни, вицепремиерот Маричиќ рече дека може да се успешни, само доколку сите останат фокусирани „на она што ни се обврски од преговарачката рамка и од францускиот предлог“.

– Знам дека ќе се отвораат и други прашања, бидејќи политичките партии веќе тоа го најавија и легитимно е да се отвораат, секоја партија има право да отвори одредено прашање, кога се отвора круг на работа како Уставот. Но, сметам дека најдобро би било ако тие прашања ги оставиме во некоја подоцнежна фаза да ги решаваме, а сега се фокусираме само на како да добиеме 80 пратеници за додавање во Преамбулата на делови од црногорскиот, бугарскиот и хрватскиот народ, рече Маричиќ.

За предлогот кој го дава опозицијата, да се прифати хрватскиот уставен модел, Маричиќ кажа имаме одличен македонски модел кој досега се покажал функционален и дека не треба да преземаме други модели.

– Ова не е игра кој ќе испадне попаметен во текстуалниот дел. Ние го спомнавме хрватскиот модел, во смисла на тоа дека постојат држави членки на ЕУ, кои имаат модел на Устав, во којшто се споменуваат повеќе етникуми. За разлика од тоа имате во Франција, кај што е граѓански концепт, само граѓани на Франција, не признаваат етнички малцинства, во Грција или во други држави, и има модел како што е во Хрватска, каде што се спомнуваат малцинства повеќе, меѓутоа тоа го спомнавме како пример, а не како модел кој ние треба да го препишеме, посочи вицепремиерот Маричиќ.

Според него патот кон членството во НАТО и патот кон членството во ЕУ е секогаш послан со тешки одлуки, и дека поучени после завршувањето на Преспанскиот договор, кога сите беа убедени дека тоа е последна обврска, Маричиќ рече дека во преговарачката рамка не дозволиле нови условувања.

– Знаеме сите со колкав отпор се соочи Бугарија кога ги отвораше овие прашања, затоа инсистиравме во преговарачката рамка да стои формулација во којашто нема да има право Бугарија по менувањето на Уставот повторно да биде прашана дали продолжуваме со преговорите. Туку дека таа меѓувладина конференција ќе се свика автоматски, без одлагање и без нова одлука, така стои во формулацијата на преговарачката рамка и на францускиот предлог, уверува Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ укажа дека и сега можеме да се откажеме и да се бараат оправдувања дека е тешко и неправедно, но тоа ќе ја оддалечи Северна Македонија од членството во ЕУ, а потенцираше и дека треба да имаме предвид дека Србија и Косово по овој напредок во дијалогот ќе добијат ветер во грб за напредување, исто така и Црна Гора и секако Албанија, бидејќи немаат крупни прашања пред себе.

– Суштинското прашање е дали ние сакаме да останеме во категорија со Босна и Херцеговина и Косово и дали тоа навистина сакаме да го дозволиме? Јас мислам дека треба да ја искористиме оваа шанса, картата за блокада е во наши раце. Ова е измена на Уставот којашто не е болна за нас, Македонците, или за граѓаните на Северна Македонија, како што биле некои претходни, изјави Маричиќ во гостувањето на ТВ 24, во „Студио 10“.

 

 

 

Извор: Секретаријат за европски прашања 

Прочитајте

МЕТ: Дурмиши – Исплатена финансиска поддршка на организации на потрошувачи, фондации,...

0
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска додели финансиски средства на организациите на потрошувачи за спроведување на Програмата за заштита на потрошувачите, Програмата...