spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМТСП: Тренчевска - Градењето, одржувањето и управувањето со системите за безбедност и...

МТСП: Тренчевска – Градењето, одржувањето и управувањето со системите за безбедност и здравје на работното место, мора да бидат задача и приоритет на сите релевантни актери во оваа област

По повод одбележување на 28 април-Светскиот ден на Безбедност и здравје при работа, на Машинскиот факултет, Скопје  се одржа настан: „Младите истражувачи во функција на безбедна и здрава работна средина како фундаментален принцип и право на работниците за пристојна работа“. На настанот се обратија министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, Националниот координатор на Меѓународната организација на трудот (МОТ), Емил Крстановски и претседателката на Националниот совет за безбедност и здравје при работа, Јасмина Чалоска.

Министерката Тренчевска на почетокот на своето обраќање изрази задоволство за можноста да ги слушне излагањата на младите истражувачи, магистранти, докторанти и студенти чие учество во оваа значајна трудова област даваат значаен придонес.

„Ова е навистина одлична прилика на овој настан поддржан од Советот за безбедност и здравје при работа, да можеме и подиректно да се запознаеме со дел од темите и областите на кои работат младите истражувачи во областа на безбедност при работа и медицина на трудот на факултетите низ државата. И на кој начин тие истражувања, студии и трудови ќе можат понатаму да најдат своја реална примена во развојот на безбедноста и здравјето при работа во нашите компании. Од особено значење е тоа што овие млади луѓе стекнатото знаење ќе го пренесуваат понатаму или во компаниите каде ќе работат или на образовните установи едуцирајќи нови генерации на стручни лица и експерти по безбедност при работа и медицина на трудот“, истакна Тренчевска.

Министерката посочи дека оваа година одбележувањето на Светскиот ден на БЗР е специфично и по една друга своја особеност. А тоа е фактот што оваа година денот го одбележуваме во услови кога правото на здрава и безбедна работна средина, од страна на Меѓународната организација на трудот, е признаено и е вклучено како фундаментален принцип и право на работа, давајќи му ја со тоа на ова право истата важност и значење како и останатите досегашни четири принципи и права на работниците кои се од суштинско значење за постигнувањето на тоа што сите ние го нарекуваме „пристојна работа“.

Правото на безбедна и здрава работна средина на работниците станува подеднакво значајно со останатите принципи и права при работа, како: правото на слобода на здружување и колективно договарање, елиминацијата на сите форми на принудна работа, ефикасното искоренување на детскиот труд и елиминацијата на дискриминација при вработувањето и работата.

„Со ова уште еднаш и тоа на меѓународно ниво, поддржано од организацијата која ги поставува и промовира меѓународните трудови стандарди, е потенцирано суштинското значење и улогата во современиот свет на работата, токму на безбедноста и здравјето на работното место и развивањето на културата на превенција која ќе придонесе до тоа работните процеси и условите во кои работат нашите работници да не бидат опасни или штетни по нивното здравје или безбедност“, истакна Тренчевска.

Таа посочи дека, градењето, одржувањето и управувањето со системите за безбедност и здравје на работното место, мора да биде задача и приоритет на сите релевантни актери во областа на БЗР. И сите заедно треба да работат активно, секој во својот домен и во рамките на своите надлежности и можности, за да се обезбедат посигурни, побезбедни работни места за сите работници.

 

 

Извор: Министерство за труд и социјална политика 

Прочитајте

Велес: Ракометно игралиште во Градскиот парк со нови трибини

0
Почнаа градежните работи за поставување на нови трибини на ракометното игралиште во Градски парк. Ќе се постави нова конструкција и седишта со што овој...