Законските измени ќе ни овозможат побрза и поефикасна реализација на проектите од стратешки интерес за државата кои се однесуваат на патишта, железница, гасоводи, енергетски и други инфраструктурни градби од јавен и национален интерес. Преку овие измени ги забрзуваме процедурите и ги намалуваме роковите заради ефикасност и економичност во изградбата, истакна министерот Благој Бочварски на прес – конференцијата.
Министерството за транспорт и врски предложи измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење. Преку законските измени се воспоставува нов модел на изградба и модернизација на целокупната инфраструктурна мрежа.
„Во Законот за урбанистичко планирање се предвидува нов тип на урбанистички проекти за градби од стратешки интерес и роковите за постапување на институциите се многу пократки заради брза реализација на терен. Нова измена е и тоа што проектот го одобрува Владата. Во делот на Законот за градење единствена разлика е тоа што временски ја намалуваме административната постапка бидејќи инвеститорот ќе може да започне со фазна градба на поедини делови кои се имотно-правно чисти. Ова го повторувам неколку пати како и во сегашниот Закон и со измените, се запазуваат сите фази на градење и проектот мора да биде потврден со позитивна ревизија. На крај на изградбата Министерството за транспорт и врски, како и до сега, издава одобрение за употреба, но претходно мора да се направи технички преглед и да се утврди дали градбата е изградена во согласност со проектот.“ – изјави министерот Бочварски.
Предлог измените и во двата закони се однесуваат на постапките за изградба на патиштата, железнички пруги, магистрални гасоводи, енергетски градби и други инфраструктурни градби од јавен интерес од национална важност чија изградба како градби од јавен интерес е предвидена со урбанистички проект за градби од стратешки интерес.