Детската градинка „Буба Мара“ доби нова сензорна соба, донација од Фондацијата „Марко Божиновски“, која е наменета за дечињата со пречки во учењето и развојот. Ова е проект кој ќе помогне дечињата да научат да комуницираат со светот околу нив во безбедна средина, што ја гради нивната самодоверба и нивните способности во секојдневниот живот.
Градоначалникот Тимчо Муцунски заблагодарувајќи се на фондацијата „Марко Божиновски“ истакна дека оваа сензорна соба е повеќе од место за игра. Таа е уште една потврда за нашите заложби за забрзана инклузивност и поддршка на детскиот развој и учење, но и место каде името на Марко Божиновски ќе продолжи да живее, преку придонес за дечињата, придонес за подобра општина и подобар свет за сите.
Станува збор за сензорна соба која е единствена од овој тип во Скопје и една од ретките во целата држава. Таа е креирана по сите стандарди за инклузивно образование, а нејзиното значење е уште поголемо бидејќи се наоѓа во детска градинка, каде како општина сериозно внимание посветуваме на важноста на раниот третман кај дечињата со атипичен развој.
Во изминатиот период беше реализиран проект со кој основното училиште „Лазо Ангеловски“ стана целосно инклузивно. Општина Аеродром и во следниот период ќе продолжи да реализира проекти со кои овозможуваме еднакви услови за развој, раст и едукација на сите дечиња од општината.
Извор: Општина Аеродром