Фискална одржливост и прудентни јавни финансии, во услови на криза како оваа со којашто се соочуваме во моментов, се клучни услови за економски раст и обезбедување просперитетна иднина за сегашните и идните генерации. Во таа насока особено е важно спроведувањето кохерентни, интегрирани и одржливи политики. Ова го порача министерот за финансии, Фатмир Бесими, на Самитот на гувернери и министри за финансии и директори на даночни управи во регионот што се одржува во Бечиќи, Црна Гора, на тема „Финансиска и монетарна стабилност на регионот, во време на неизвесност на пролонгирана геополитичка и економска криза“.
„Кризата нè исправи пред голема неизвесност. Се бориме на повеќе фронтови, како што е справувањето со предизвиците и истовремено опстојување на реформската агенда којашто ќе нè врати на патеките на економски раст од пред пандемијата. Во такви услови, домашната економија покажа голема отпорност на последователните шокови предизвикани од глобални фактори. Навремената респонзивност на фискалната политика преку брза реакција, широка лепеза антикризни мерки и значителен фискален стимул, во континуитет значително го ограничија влијанието на овие шокови. Уште на самиот почеток од кризата, како продолжување на мерките за поддршка и закрепнување во периодот на и по пандемијата, Владата навремено реагираше со цел да се забави преносниот ефект од увезената инфлација, да се обезбеди целосно и стабилно снабдување со електрична енергија и да се избегнат ценовни шокови. Мерките беа таргетирани кон ранливите категории граѓани и фирми погодени од кризата, а главни цели беа заштита на животниот стандард, одржување на ликвидноста на компаниите и поддршка на инвестициите во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија за да се обезбеди енергетска стабилност на долг рок и основа за одржливи стапки на економски раст на среден рок“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека тоа ќе се постигне со стабилизирање на инфлацијата и со забрзана реализација на капитални проекти, но и со ставање многу посилен акцент на имплементацијата на структурните реформи.
„Позитивен поттик на економскиот раст ќе дадат планираните јавни капитални инвестиции кои оваа година се на историски највисоко ниво од 800 милиони евра. Започнати се повеќе клучни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, комуналната инфраструктура и сл. И покрај тесниот фискален простор, продолжува и фискалната консолидација со намалување на буџетскиот дефицит, оптимизирање на трошоците на одделните извори за негово финансирање и негово целосно насочување кон финансирање на инвестициските проекти“, посочи министерот.
На панел-дискусијата министерот потенцира дека нашата земја, како и земјите од регионот, во текот на целиот овој кризен период не отстапува од она што е заеднички пат за сите – да станеме дел од ЕУ.
„Патот на РС Македонија и на другите земји од регионот води кон ЕУ. Нема друга алтернатива и тоа го покажуваме и докажуваме на секој начин. Нашата цел е да создадеме просперитетна иднина за сегашните и идните генерации, а особено за младите во нашата земја. Оттука, квалитетот на животот треба континуирано да се подобрува и тоа ќе биде главниот индикатор за реалната (економска) конвергенција кон ЕУ. Од тој аспект, пристапниот процес е исклучително важен за подигнување на институционалните капацитети и транспонирање на современото европско наднационално законодавство. Само со спроведување кохерентни, интегрирани и одржливи политики кои го поттикнуваат одржливиот развој ќе можеме да ја донесеме Европа дома. РС Македонија ги започна преговорите минатата година и тоа дава забрзана динамика на процесите и реформите и постигнување на резултатите“, наведе министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Министерот се обрати на панел-дискусијата на тема „Здрави јавни финансии – клучeн услов за економски раст и градење модерен економски пазар во услови на пролонгирана геополитичка несигурност“, на која учествуваа министри за финансии од регионот.
Извор: Министерство за финансии