Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова учествуваше на лидерски дијалог на тема „Имплементација на зелената агенда за економски и општествен просперитет на Западен Балкан“, што вчера и денес се оджува во Тирана, во рамките на подготовка на Самитот на Берлинскиот процес во 2023 година.
Во духот на зајакнување на регионалното климатско партнерство меѓу земјите од Западен Балкан и Германија во рамки на Берлинскиот процес, дијалогот на лидерите има за цел да придонесе кон одговорот на прашањето како регионот може да се доближи до единствениот пазар на ЕУ и да се создадат предуслови за социјално и економски праведен премин од фосилни горива во обновливи извори на енергија и де-карбонизација. Социо-економските шанси упатуваат на ваква далекусежна транзиција при која треба да се постигне енергетска безбедност и независност за Западен Балкан и да им се овозможи на поединците, компаниите и академската заедница да имаат корист од зелената економија преку новите вработувања и иновации.
Очекувано е на настанот да се развие платформа за соработка на високо ниво меѓу владата, приватниот сектор и граѓанското општество во рамките на Регионалното партнерство за климата и да генерира заклучоци и препораки за Самитот на Берлинскиот процес во октомври 2023 година во Тирана.
Министерката Шукова учествуваше и се обрати на пленумот на високо ниво „Зелената агенда како заедничка мисија – преиспитување на односите- влада -приватен сектор – граѓанско општество“ каде најави дека како држава започнуваме со мапирање на националните акции како одговор на регионалниот акциски план кон Софиската декларација за Западен Балкан.
Ко-домаќини на настанот се Министерство за енергетика и инфраструктура и Министерство за туризам и животна средина на Албанија и Сојузното министерство за економска соработка и развој во соработка со Сојузното министерство за надворешни работи на Германија.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање