Претседателите на Северна Македонија, Хрватска, Албанија и Црна Гора беа меѓу говорниците на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ во рамки на Преспа форум за дијалог 2023 на која се обрати и младинската претставничка Зорана Антовска.
Во фокусот на дискусијата беа регионалната стабилност и безбедност, проширувањето на ЕУ како и перспективите кои се нудат за младите во регионот.
Претседателот Стево Пендаровски истакна дека војната во Украина го врати фокусот на геополитиката и геополитичкиот начин на размислување стана доминантен во Европската Унија по однос на прашањето на проширувањето. Ако војната во Украина е поводот Европската Унија да го врати интересот за проширувањето кон регионот на Западен Балкан, тогаш, според претседателот Пендаровски, многу природно се наметнува прашањето – што ќе се случи кога војната во Украина ќе заврши? Дали ќе се вратиме на вообичаеното, што значи помалку внимание за Западниот Балкан како регион и тоа не само во однос на проширувањето? Тој додаде дека пристапниот процес кон ЕУ води до демократски развој, а дека без надзорот од ЕУ може да дојде до уназадување, но дека долгото чекање за ЕУ членство води и до барање на нови алтернативи и пад на поддршката за членството во ЕУ.
Во своето обраќање, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ истакна дека НАТО и ЕУ како меѓународни организации кои се основани на споделени вредности потребно е да покажат солидарност со регионот. Тој дополни дека демократски и просперитетен Западен Балкан е можен доколку регионот целосно стане дел од ЕУ и во таа насока истакна дека местото на Западниот Балкан е во Унијата.
На сесијата албанскиот претседател Бајрам Бегај рече дека конфликтите на Балканот може да бидат и нашите научени лекции, а дека регионот има да понуди многу и има подадена рака кон соседите и сојузниците. Тој истакна дека регионот по турбулентните периоди, сега има напредок кон интеграција во ЕУ и во таа насока дополни дека изминатата година за првпат се одржа европски самит во Тирана.
Претседателот Бегај дополни дека регионот има предизвици на кои треба да работи и треба да продолжи инвестирањето во евро-атлантскиот регион, затоа што демократијата не е постојана и може да има промени од демократски во автократски општества.
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во своето обраќање истакна дека процесот на пристапување кон ЕУ покрај техничката компонента, потребно е да има и повеќе политички фокус, а во таа насока ја спомна и неодамнешната одлука поврзана со визната либерализација на Косово. Тој додаде дека Црна Гора во идниот период може да биде успешна приказна за проширувањето на ЕУ и да се покаже како вистински пример, а не само рефлексија на дебатите и дека иднината на регионот е во ЕУ и дека треба да се искористат сегашните околности за да се оствари таа цел.
Младинската претставничка Зорана Антовска рече дека Балканот има историја на автократско владеење и воени тензии и дека животот во општества каде има насилство и репресија остава трауми и лузни што може да влијаат на вредностите и перспективите на младите луѓе.
Таа истакна дека не треба да се очекува западните партнери да ги решат сите внатрешни проблеми, и со оглед на тоа дека регионот цели кон европска интеграција потребно е фокусирање на регионалната стабилност и на примена на европските вредности. Таа дополни дека е потребен и повеќе младински ангажман, затоа што некогаш и кај младите отсуствува политичка волја за борба против корупцијата. Најголемата закана за регионот на Западен Балкан останува иселувањето на младите и дека доколку трендовите продолжат значително ќе се намали и бројот на лица кои ќе можат да ги промовираат демократските вредности и да ги водат државните институции со демократски, европски дух.
Свое видео-обраќање на сесијата имаше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој истакна дека Преспанскиот договор е важен инструмент на меѓународниот правен поредок што овозможува слобода и просперитет. Алтернативата е катастрофа, како што и гледаме во Украина. Преспанскиот договор го овозможи членството на Северна Македонија во НАТО и придонесе кон добрососедските односи на Северна Македонија. Тој додаде дека светот е на крстосница и дека од една страна се стравот, опресијата и војната, а на другата демократијата, безбедноста и мирот и дека НАТО секогаш ќе го избере тој пат.
Извор: Влада