Со самиот избор за продолжување на образованието на овој факултет, сте ја направиле најголемата инвестиција во вашите животи. Да се инвестира во знаење и образование е најсигурна и најисплатлива одлука. Вие сте сега личности кои се стекнале со вештини и компетенции, подготвени стручно и професионално да се справуваат со предизвиците на новото време. Кадар сте, кој е баран и дефицитарен на пазарот на трудот, така што сигурен сум дека ќе имате можности за добра заработка и за професионален и кариерен развој.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на промоцијата на новата генерација дипломци и магистри на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, оценувајќи дека токму овој млад и квалификуван кадар ќе даде голем придонес во развојот на државата и нејзиното меѓународно интегрирање од аспект на конкурентност на стопанството, знаењето и технологијата.
„Верувам дека голем број матуранти ќе го следат вашиот пример и ова е добра прилика во пресрет на претстојните уписи во високо образование, да упатам порака до нив, доколку имаат афинитети кон електротехниката и информатичката област, да одберат се образуваат на оваа високообразовна установа, за која сум убеден дека и во иднина не само што ќе ги одржува, туку и континуирано ќе ги подигнува стандардите за квалитет на настава и за спроведување на научно – истражувачка дејност“, додаде министерот.
Изрази благодарност до професорите и до сиот кадар кој работи на оваа високообразовна установа, потенцирајќи дека овие нови генерации и сите претходни кои веќе успешно работат во дејноста се потврда за добро исполнетата образовна мисија.