1. Какви реформи се случуваат во општинската администрација во Општина Охрид?
Врз основа на надлежностите на Општината утврдени со закон, како и групирањето на работите и задачите според видот, обемот, сложеноста, нивната меѓусебна сродност и поврзаност, општинската администрација се организира во сектори, одделенија и Територијална противпожарна единица на Општината. Поголема системска реформа во администрацијата до сега не е извршена, но како нова локална власт воведовме нови принципи на работа на администрацијата, со цел да се подобрат услугите кои се испорачуваат на граѓаните и да се обезбеди подобра функционалност на секторите, а обезбедивме и значително поголема транспарентност во работењето.
2. Што се предвидува и следува со Колективниот договор во Општина Охрид, какви идеи и проекти имате за подобрување на работните услови за вработени?
За прв пат со Синдикалната организација на Општина Охрид во декември 2022 година потпишавме Колективен договор, во кои се предвидени сите права и обврски за вработените во Општинската администрација. Врз основа на овој договор, вработените добија покачување на платите согласно пресметките за порамнување во однос на минималната плата.
3. Дали ќе воведете Награда за Најдобар административен службеник и Најдобар млад административен службеник во тековната година?
Со оглед на фактот што одреден дел од административните службеници кои се распоредени по различни сектори и одделенија, работат исклучлително посветено и квалитетно, има основа за воведување на ваква награда, со цел вреднување на трудот и стимулирање на останатите вработени да го дадат својот максимум во извршување на работните задачи. Но сепак наградата за трудот и посветеноста треба да се прикаже преку системот на вредности, кој се изразува преку унапредувањето на работни позиции. Јас се залагам посветениот работник, секогаш да го добие работното место кое го заслужува.
4. Како и дали треба да се направи реорганизација во Општина Охрид, кои се вашите мерки и идеи?
Веќе се подготвува нов Правилник за систематизација на работни места врз основа на кој ќе се направи потребната реорганизација за поголема функционалност и обезбедување на подобри резултати во работењето.
5. Дали и на кој начин ќе ја поттикнете спортската и хуманата страна на вработените во Општина Охрид?
Општина Охрид постојано е дел од организацијата и поддржува различни спортски и хумани настани, во кои тековно се вклучуваат вработените во администрацијата. Последен таков настан беше „Охрид Трчат“ во кој зедоа учество голем број вработени од Општина Охрид.
6. Кои се вашите клучни проекти што ги направивте во досегашниот мандат како градоначалник?
Во изминатите 19 месеци, во мојот мандат, реализиравме низа проекти од инфраструктурата кои се значајни за нашите граѓани. Асфалтиравме улици, градевме потпорни ѕидови, се вршеше партерно уредување, се поставуваа нови водоводни линии и канализациони мрежи.
Во делот на образованието исто така имавме успешна реализација на значајни проекти во неколку училишни објекти, предвидовме многу новини во делот на поддршката на талентирани ученици, а за прв пат обезбедивме и поддршка за семејствата на првачиња. Бевме посветени на поддршка на спортот. Во насока на продолжување на туристичката сезона, минатата година за прв пат го организиравме настанот Фестивал на вино, кој ќе го има своето второ издание оваа година и ќе понуди богата музичка програма.
7. Дали ќе имате партиски реваншизам и отпуштање на административните службеници и вработените во Општина Охрид по основ на политичка партија и на кој начин ќе гарантирате дека нема да се случи?
Апсолутно не, вработените во општинската администрација ги ценам исклучително по својата професионалност и соработката ја темелам само на професионална основа.
8. Дали ќе им дадете вистинското значење, дејствување и положба на синдикатот во Општина Охрид за унапредување и заштита на работничките права?
Веќе им е дадено такво значење со самото потпишување на Колективниот договор и секако имам редовна комуникација со раководството на синдикатот и сум подготвен да излезам во пресрет на нивните барања и потреби.
9. Дали ќе овозможите едукација и усовршување на административните службеници и вработените во Општина Охрид преку размена на проекти програми и семинари и доколку е ДА на кој начин?
Вработените на Општина Охрид во континуитет ја добиваат потребната едукација и усовршување за потребите на проектите кои ги работат, а трошоците за обуките и патувањата се покриваат од општинскиот буџет.
10. Колку капитални проекти предвидувате, колку домашни и странски инвестиции ќе донесете и колку нови работни места ќе отворите во Општина Охрид?
Охрид заслужува подобар развој и убеден сум дека преку посветена работа ќе успееме да се искачиме многу повисоко на скалилото на успехот, на секое поле. Имаме план и јасна визија како градот треба да се развива наредните години. Во програмите за работа креираме реално остварливи проекти кои ќе можат да бидат реализирани, секако во солагност со сето она што е ветено во изборната кампања.
Тука се низа проекти од инфраструктурата, која е потребна на граѓаните, проекти за квалитетно и модерно образование, поддршка за спортот и спортските клубови, изградба и реконструкција на детски игралишта и многу друго. Даваме поддршка на проекти за промоција на туристичките потенцијали, културното и природното наследство како и унапредување на културните и духовните вредности. Исто така, тука се и проектите за подобрување на инфраструктурата во руралните средини и решавање на проблемите со водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води. Што се однесува до бројот на странски инвестици, во Охрид веќе функционираат четири странски фирми со кои имаме редовна комуникација и соработка и кои постојано отвораат нови работни места. Секако тука се и сите отворени можности за нови инвестиции во нашата општина, како и редовната соработка со сите домашни фирми кои се многу важни за економскиот развој на Охрид.
Извор: Javnaadministracija.mk