Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Кренар Лога, министер за правда, како и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, се сретна со заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, придружуван од Анџела П. Агелер, амбасадорка на САД во земјава и други претставници од американската амбасада.
На состанокот е разговарано за важни актуелни прашања, што се од значење за перспективите на македонските граѓани и за Република Северна Македонија, како и за геостратешки прашања од значење за стабилноста на Европа.
Заеднички е ставот дека интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ значи просперитет за граѓаните во државата, со импакт и на долгорочен просперитет на целиот Западен Балкан во Европската Унија.
Потврдено е очекувањето дека Република Северна Македонија, по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, како и цврстата поддршка на САД во напредокот на нашата држава до полноправно членство во Европската Унија.
Оценето е дека кој било друг исход од можноста да се продолжи по европскиот пат не е државен и стратешки интерес. Поради тоа, заедничка е согласноста дека претстојната одлука во Собранието на Република Северна Македонија, треба да биде државничка, во насока на интеграција, а не изолација.
Република Северна Македонија, за остварувањето на евроинтеграциската цел, има недвосмислена поддршка дома, од македонските граѓани и како никогаш досега и однадвор, од меѓународните партнери. Постигната е преговарачка рамка со ЕУ со целосна заштита на македонскиот јазик и идентитет и очекувањето е да се продолжи напред со државнички одлуки за европски квалитет на живот во државата и на линија на стратешките интереси за стабилност на Европа.
Извор: Влада