spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаБитиќи: Го штитиме државниот интерес пред меѓународните судови, постапките се резултат на...

Битиќи: Го штитиме државниот интерес пред меѓународните судови, постапките се резултат на неодговорното штетно работење на Владата на ВМРО-ДПМНЕ

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на прес-конференција во својство на претседавач на координативното тело за арбитражни постапки ја информираше јавноста за двете нови поведени постапки против државата.

Вицепремиерот Битиќи рече дека првата постапка е од страна на Групација Амадеус и Амадеус Девелопмент ДООЕЛ за случајот Шпански скали, за што на 18 август 2023 година е регистрирана арбитражна постапка против Република Северна Македонија според Правилата и Конвенцијата на Меѓународниот центар за решавање на Инвестициски спорови(ICSID).

„Групација Амадеус побарува надомест за прекршувањето на Билатералниот договор за поттикнување и заемна заштита на инвестициите кој го имаме со  Владата на Република Албанија. Прелиминарните барања на тужителот се Република Северна Македонија да плати отштета на Групација Амадеус за наводно претрпена загуба во износ што моментално се проценува на не помалку од 110 милиони американски долари“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи информираше дека во известувањето за поведување на арбитражна постапка, Групација Амадеус првенствено била одговорна за изградба на комерцијална зграда, вклучително и хотел, во градот Скопје. Дозволата, исто така, барала изградба на скалила, кои беа познати како „Шпански скали“.

„На јавноста и е познато дека проектот „Шпански скали“ е веќе предмет на кривично гонење. Тужителот тврди дека Општината Центар наводно му забранила на Амадеус да започне со градба. И покрај фактот што Општината го издала првичното одобрение за градба во јули 2015 година, другите нејзини одлуки наводно го попречувале развојот на секој нареден чекор. Од 23 мај 2015 година до 30 септември 2015 година, Општината наводно ставила мораториум на градба.  Набргу потоа, втората одлука наводно конкретно ја забранила изградбата на хотелот и деловната зграда на Амадеус, почнувајќи од 31 декември 2015 година“, рече Битиќи, и додаде дека тужителот тврди дека наводно поништувањето на Урбанистичкиот план за 2012 година резултирало со стапување во сила на Детален урбанистички план за централното градско подрачје на Град Скопје кој наводно не го вклучувал градежниот проект на Амадеус.

„Во овој момент тужителот само има наведено површни наводи и аргументи без докази и документација во поткрепа на така изнесените наводи. Постапката е покрената неколку години по наводно сторената повреда на договорот. Целиот процес започнува со распишаниот тендер од страна на Министерството за транспорт во 2012 – 2013 година, тогашен министер е Миле Јанакиевски“, рече Битиќи.

За втората постапка, вицепремиерот Битиќи рече дека е поведена од страна на ФЦЛ Амбиенте на 31 јули 2023 година, за случајот приватен партнер на  депонијата Дрисла.

„ФЦЛ Амбиенте бара надомест од Трибуналот за прекршување според Договорот за меѓусебната поттикнување и заемна заштита на инвестициите кој го имаме со  италијанската Влада од 26 февруари 1997 година и меѓународните закони. Во оваа постапка износот на побарувања не се наведени од страна на побарувачот и истиот се вели дека ќе биде утврден во текот на постапката. Како што се наведува во известувањето за поведување на арбитражна постапка, на 21 ноември 2011 година бил распишан тендер од страна на Град Скопје, во септември 2012 година, Град Скопје издал Решение со кое го избрал ФЦЛ Амбиенте за свој партнер за инвестирање, управување и работење со депонијата Дрисла“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека на 18 јануари 2013 година, ЈП Дрисла станало друштво со ограничена одговорност, Дрисла ДОО во кое ФЦЛ МК се стекнал со 80% од уделот во Дрисла ДОО, додека Град Скопје ги стекнал останатите 20%.

„Одлуката за избор на приватен партнер во Дрисла била оспорувана и предмет на неколку постапки пред Управниот и Вишиот управен суд од страна на Шолц АГ која била второ рангирана на објавениот повик од страна на Град Скопје. ФЦЛ Амбиенте ги губи постапките пред Управниот и Вишиот управен суд во 2017 и 2018 година со кои што беше пресудено дека Судот го поништува решението за избор на ФЦЛ Амбиенте за приватен партнер за управување со депонијата.  Во 2019 година со одлука на Град Скопје е поништен тендерот за приватен партнер на градот за депонијата Дрисла. Во 2020 Дрисла ДОО повторно се трансформира во јавно претпријатие, за што ФЦЛ Амбиенте поведе постапка пред Управниот суд но без успех во спорот“, кажа Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи потсети дека овие два случаи кај јавноста предизвикаа голем интерес и сите бевме запознаени во детали за голем дел од овие постапки, за што веќе  има судска процедура за кривични дела на вмешаните во постапките, а граѓаните беа јасно и гласно против и двете донесени одлуки.

„Несовесното раководење, договорите во четири очи и негрижата за јавното добро и години по владеењето на ВМРО – ДПМНЕ ја изложуваат нашата држава на ризици и парите на нашите граѓани место да бидат употребени во развојни проекти ќе треба да се користат за одбрана на државата и нејзините интереси пред меѓународните судови“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи рече дека веднаш се преземени дејствија и навремено се започнати сите процеси со цел соодветна заштита на правните интереси на државата и секако јавните добра, затоа што евентуалното непреземање на правни дејствија би значело евентуално губење на ваквите спорови пред меѓународните судови, за што во минатото има такви пракси.

„Токму за оваа цел во 2017-та е формирано координативно тело за следење на арбитражни постапки, произлезени од меѓународни договор, со кое јас претседавам, а во него членуваат министрите за економија, финансии и правда, и државниот правобранител на Република Северна Македонија. Задачата на ова тело е да обезбеди координативен пристап на прашањата поврзани со следење на активностите поврзани со решавање на спорови кои се водат или ќе се водат пред договорени меѓународни арбитражи.  При што задачите на координативното тело не ја исклучуваат надлежноста на институциите кои се вклучени во постапките“, посочи Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека се работи за судски процеси кои се во тек, и токму затоа не би можел да изнесе повеќе информации, за да се заштити правниот процес, но ја увери јавноста дека ќе биде известена кога ќе има новости, затоа што ова се процеси од јавен интерес.

Арбитражните постапки кои се водат против државата ,а се координирани од телото за арбитражни постапки во моментов се со проценета вредност од 1.365.000.000 евра. Сите постапки се за периодот пред 2017 година, кога се настанати наводните прекршувања на меѓународни договори за заштита на инвестиции.

 

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Петровец: Одржан четвртиот меѓународен турнир во бокс во Куманово

0
Се одржа четвртиот меморијален меѓународен турнир во бокс во Куманово „Мирослав Петровиќ“. И оваа година честа да го отвори овој турнир му припадна на...