Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска имаше средба со министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли. На средбата присуствуваше и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Заеднички беше нагласено уверувањето дека денешната посета и разговори ќе дадат нов импулс во зајакнувањето на билатералните односи и взаемната соработка, посебно поради фактот што станува збор за прва посета на канадски министер за надворешни работи на нашата држава.
На средбата, премиерот Ковачевски се заблагодари за континуираната цврста поддршка од Канада во насока на имплементирање на реформските процеси со цел да се обезбеди напредок на нашата држава на планот на евроинтеграциите. Во таа насока, изрази уверување дека како и многу пати досега, Северна Македонија ќе застане во одбрана на националните и стратешки интереси, а тоа е преземање конкретни чекори кон обезбедувањето на членството во ЕУ.
Во однос на билатералните односи, премиерот Ковачевски го поздрави негувањето на традиционалното пријателство и богата и сестрана соработка меѓу двете земји, посебно на мултилатерален план.
Стабилна основа за натамошно севкупно унапредување на соработката помеѓу двете држави дава потпишувањето на Декларацијата за соработка и стратешко партнерство од 2018 година.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност за силната поддршка на Канада на нашето членство во НАТО, додавајќи дека Северна Македонија денес е почитувана и одговорна членка на трансатлантската заедница. „Длабоко го цениме партнерството со Канада како НАТО сојузници и ќе продолжиме да се однесуваме одговорно“, оцени премиерот Ковачевски.
Министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли изрази силна поддршка земјава да продолжи по евроинтеграцискиот пат, за што, постои недвосмислена поддршка и интерес од страна на Канада за што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија. При тоа, министерката Жоли нагласи дека денес, повеќе од било кога, западниот свет треба да биде обединет, а Северна Македонија, како негов интегрален дел тоа го покажува споделувајќи ги истите вредности и заложби.
Ковачевски го потенцираше и значењето на бројната македонска заедница во Канада, која е значаен дел од богатиот канадски мозаик на култури и народи, и која давала и ќе продолжи да дава значаен придонес во градењето и зајакнувањето на Канада. „Нашата заедница е значен мост меѓу двете држави која воедно помага и во градењето на нашите меѓусебни врски“, истакна премиерот Ковачевски.
Посебен фокус на средбата беше дадено на прашањето за зајакнување на економските врски меѓу Канада и Северна Македонија, за што заеднички беше оценето дека постојат огромни можности за инвестиции во нашата држава во различни сфери.
Извор: Влада