Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес беше дел од настанот организиран од Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта/Ла Страда “ и Здружението за поддршка и развој „Хуманост“,на кој се дискутираа и утврдија заедничките чекори против насилниот екстремизам и организираниот криминал. Општина Кисела Вода како и општините Гази Баба и Куманово, застапени од нивните градоначалници Бобан Стефковски и Максим Димитриевски потпишаа меморандум за соработка со што ги потврдија своите заложби за поттикнување на мирни и инклузивни општества и ублажување на структурните услови кои се погодни за ширење на насилен екстремизам.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека соработката помеѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор е од големо значење бидејќи дозволува рано превентивно делување. Ги наведе и превентивните мерки како и областите што може да се стимулираат за да се реализира ефективна превенција или брза реакција во случај на насилен екстремизам.
-Наислниот екстремизам претставува сериозна опасност за нашето општество носејќи со себе деструктивни последици, вклучувајќи го земањето на невини животи, дестабилизација на институциите и креирање на социјални нереди. Тој го уништува квалитетот на живеење денес и создава несигурна иднина за нас и за сите следни генерации. Овој меморандум за соработка што го потпишуваме денес не е само формален документ. Тој претставува пишан доказ за нашата посветеност кон заедничката борба против оваа закана. Соработката помеѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор е суштинска, бидејќи таа ни овозможува да ја засилиме нашата способност за превентивни акции и да го намалиме влијанието на екстремистичките групи. Превентивните мерки што може да се преземат вклучуваат образование, едукција и подигнување на свеста кај младите; поддршка на загрозени групи и млади лица, создавање на заедница каде инклузивноста и дијалогот помеѓу различните култури и верски заедници ќе бидат од висока важност. Ќе ги стимулираме областите каде што може да се реализира ефективна превенција и реакција на потенцијални случаи на насилен екстремизам. Исто така, ќе имаме механизми за размена на информации и најдобри практики. Конечно, оваа заедничка борба не се завршува со потпишувањето на меморандумот. Треба да бидеме доследни и одговорни во извршувањето на акциите што ги планираме и да ги следиме резултатите. Само преку долгорочна и интегрирана соработка можеме да гарантираме дека ќе го заштитиме нашето општество од влијанието на насилниот екстремизам. Нека овој меморандум биде првиот чекор кон подобро и посигурно утре за сите наши граѓани-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Денешниот настан е во организација на Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта/Ла Страда “ и Здружението за поддршка и развој „Хуманост“, a финансиран е од Европската Унија во соработка со општините Кисела Вода, Гази Баба и Куманово.
Извор: Општина Кисела Вода