Започна реконструкција на улиците “Гутенбергова”, “Волтерова”, “Марија Кири” и “Ѓорѓи Војтех” во населбата Драчево. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски присуствуваше на почетокот на градежните активности кои опфаќаат реконструктивни зафати на површина од околу 2500 м2. Се работи за сообраќајници изградени после катастрофалниот скопски земјотрес и на кои од тогаш не е интервенирано.
-Денес сме на местото каде што започнуваат почетните градежни активности за реконструкција на четири значајни улици во нашата населба Драчево. Се работи за улиците “Гутенбергова”, “Волтерова”, “Марија Кири” и “Ѓорѓи Војтех”, улици кои, за жал, никогаш досега, од после земјотресот не биле санирани или реконструирани од претходните раководства на општината.
Овој градежен зафат кој опфаќа околу 2500 квдратни метри, значи инвестиција во подобра инфраструктура, но и инвестирање во подобар квалитет на живот за нашите граѓани, во безбедноста на нашите деца и во полесен пристап до нашите домови и работни места.
Градежната офанзива која трае низ целата општина, низ сите месни и урбани заедници со цел да се запази рамномерниот регионален развој ќе продолжи со засилена динамика. Нашиот целосно поинаков и подобар начин на работа веќе ги дава своите резултати и наскоро моето предизборно ветување – во нашата општина да нема неасфалтирана улица ќе биде во целост остварено-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Извор: Општина Кисела Вода