Локалниот совет за превенција ја одржа 13-та работна конференција на која што присуствуваа и директорите на основните и средните училишта и претставници од Советите на родители, а на дневен ред беа теми од областа на образованието.
Градоначалникот Костадин Костадинов го истакна задоволството што конечно со изборот на денешните теми, Локалниот совет за превенција започнува со превенирање, наместо со решавање на проблеми.
-Пред почетокот на новата учебна година, отвораме многу важни теми, а тоа е зголемување на нивото на доверба меѓу учениците во основното и средното образование почнувајќи од најрана возраст и секако дека ќе ги отвориме темите на проблемите и предизвиците коишто ги имааме со булингот помеѓу учениците, затоа што тоа ни е особено важно.
Денеска, можам да донесам заклучок дека конечно после гаснење на пожари на акутни теми коишто ги имавме во општина Струмица, веќе почнуваме да превенираме. Сметам дека тоа е фундаменталната улога на Локалниот совет за превенција, на што сум особено горд јас, заедно со сите советници и општинската администрација, но морам да ја истакнам важноста и на сите постојани и непостојани партнери коишто членуваат во ЛСП, рече Костадинов.
Градоначалникот информираше и за афирмацијата на струмичкиот Локален совет за превенција на меѓународно ниво, преку учество на негови структури на конференција во Подгорица, Црна Гора, неговото активно учество во формирањето на ЛСП на Даниловград, а го најави и неговото учество на конференцијата која од 4 до 6 септември ќе се одржи во Будва, Црна Гора. На оваа конференција ќе се разговара на теми поврзани со Локалните совети за превенција, со предизвиците со коишто се соочуваат општините и градовите и секако ќе ги пренесе и нашите позитивни искуства како еден од ретките функционални совети во државата, бидејќи нема друг начин за решавање на предизвиците, освен преку отворен дијалог.
Извор: Општина Струмица