Од денеска во Струмица и официјално започнува да работи новиот Центар за дневен престој на деца со попреченост. Во центарот за децата со попреченост ќе се спроведуваат разновидни активности како и услуги со индивидуален третман. Услугите ќе ги спроведува здружението за поддршка во развојот и специјална едукација и рехабилитација на децата – Едупрактика која заедно со општина Струмица доби грант за развој на оваа услуга.
Центарот е наменет за вкупно 44 корисници – деца со попреченост од 3 до 14 години. Од нив, односно 24 деца, ќе можат да ги користат услугите за дневен престој, а останатите ќе имаат можност за индивидуален третман. Активностите во дневниот престој и индивидуалните третмани ќе ги спроведуваат тим од 10 вработени, составен од стручен персонал и негуватели.
Инклузијата и поддршката на родителите на деца со попреченост се еден од клучните темели на социјалната реформа, а Центарот е во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка. Овој Центар е трет од ваков тип кој се отвора во рамки на споменатиот Проект. Дозволата за вршење дејност од социјална заштита, на здружението за поддршка во развојот и специјална едукација и рехабилитација на децата – Едупрактика им ја додели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која во оваа прилика истакна: „Навистина се охрабрувачки пораките од родителите на децата со попреченост кои ги посетуваат центрите и значаен е напредокот кој го забележуваат кај нивните деца. Посветеноста на стручниот персонал, обезбедувањето на индивидуален третман согласно потребите на дечињата им овозможува полесно вклучување во образовниот процес. Нашата заложба како Влада и како Министерство е овозможување на услови и можности за децата со попреченост, со што ќе им помогнеме на родителите, на децата и на заедницата. За мене, секој новоотворен центар за дневен престој на лица со попреченост претставува чекор кон остварување на таа заложба.“
Соработката со општините и нивната улога во препознавањето и дефинирањето на потребите на локалната заедница е клучниот аспект за успешни резултати на социјалната реформа. Исто така, од исклучителна важност е и вклучувањето на организации како даватели на услуги, кои заеднички со општините аплицираат за грант за развој на социјални услуги на локално ниво. Таков е случајот и со општина Струмица и здружението Едупрактика, кои заеднички аплицираа и добија поддршка за развој на оваа социјална услуга која ќе одговори на потребите на граѓаните и ќе придонесе кон подобрување на развојот на децата со попреченост и нивна инклузија.
Од здружението Едупрактика истакнуваат дека овој тип на центри во кои се предвидени комбинирани услуги, односно дневен престој за децата, како и индивидуални третмани кои ги спроведуваат стручни лица, значајно го подобруваат напредокот на децата со попреченост и придонесуваат кон нивна социјализација и инклузија.
Инаку, во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги досега се поддржани разновидни услуги преку 34 проекти кои се спроведуваат во 41 општина. Покрај центарот за дневен престој за деца со попреченост, се обезбедуваат и услуги за помош и нега на стари лица во домот, дневни центри за стари лица и центри за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост. За давање на услугите засега се обучени 300 лица, а ќе бидат опфатени повеќе од 1200 корисници.
Извор: Влада