Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска денес оствари средба со извршниот директор на Народна техника на Македонија, Перо Митрев и со претставникот од Сојузот на пронаоѓачите и автори на технички унапредувања на Македонија- СПАТУМ, Слободанка Трајковска, која е и координатор на саемот на иновации МАКИНОВА и ЕКОНОВА.
Тема на средбата беше престојната „44-та Меѓународна изложба за иновации, пронајдоци, патенти, дизајн, идеа, нови производи и технологии, трговски марки, истражувачки проекти и младинско творештво – МАКИНОВА 2023“ и „21-вата Меѓународна изложба за еколошки иновации и истражувачки проекти, ЕКОНОВА 2023“ кои ќе се одржат во период од 10 до 12 ноември 2023 година во општина Берово. Настанот им овозможува на младите иноватори од основните и средни училишта како и на веќе искусните иноватори да ги презентираат своите пронајдоци и научни истражувања, а истовремено претставува платформа за размена на искуства и визии.
Оџаклиеска изрази подготвеност да даде поддршка за сите вакви иницијативи кои ја стимулираат креативноста и го отвараат патот кон создавање на нови идеи, пронајдоци и иновации.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање