Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи оствари средба со Бјорн Габриел, од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во земјава.
Вицепремиерот Битиќи и Габриел разговараа за поддршката која Европската инвестициска банка во континуитет и ја дава на Северна Македонија, преку реализација на проекти кои се од витален интерес за нашите граѓани.
На денешната средба, акцентот беше ставен на реализацијата на прочистителната станица во Скопје, како и за реновирање и рехабилитација на водоводната инфраструктура во сите наши општини каде тоа е потребно. Соговорниците споделија информации и за реализацијата на последната делница од железничкиот коридор VIII/исток, од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, кои сега се во завршна фаза, но разговараа и за потенцијален нов проект за Климатски отпорна инфраструктура која ќе се финансира и од Климатскиот зелен фонд.
Инаку, Европската инвестициска банка како долгогодишен партнер на земјава има инвестирано околу 1,1 милијарди евра во Северна Македонија од 1991 година, главно за да ја поддржи клучната транспортна инфраструктура и да помогне да се обезбеди снабдување и безбедност со енергија.
Извор: Влада