spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниБитола: Резултати од проектот „Универзитетска летна пракса“

Битола: Резултати од проектот „Универзитетска летна пракса“

Општина Битола, ја продолжува успешната соработка со Универзитетот „Свети Климент Охридски“, со кој за првпат годинава, во Битола беше организиран отворен ден насловен „УКЛО и пријателите“. На заедничка иницијатива, универзитетот и општината го реализираа и проектот „Универзитетска летна пракса“, чии резултати, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ги претстави на денешниот втор отворен ден, кој се одржа на Економскиот факултет во Прилеп.

„Денес, посебно ме радува тоа што по втор пат се организира Отворен ден на УКЛО и пријателите – идеја која за првпат ја започнавме како соработка и вмрежување на Општина Битола, битолскиот универзитет со сите негови единици, а истовремено и како наше заедничко делување, преку локалниот економско социјален совет, во насока на активна соработка и вклученост на бизнис секторот и невладиниот сектор.

Тоа значи дека на овој начин создаваме нови можности, за нашите студенти, млади луѓе, кои преку директно учество во институциите и приватните фирми, подобро ќе се запознаат со начинот на работа, ќе стекнат практични знаења и успешно да се насочат во градењето на своите капацитети и кариера.

Токму затоа, како нов почеток, изминатото лето, Општина Битола, во соработка со Универзитетот „Свети Климент Охридски“, го воведе проектот Универзитетска летна пракса, за што од општинскиот буџет издвоивме 500.000 денари.

Посебно, за поздравување е тоа што, летната пракса, успешно ја завршија 30 студенти и тоа не само во Општина Битола, туку и во институциите под наша надлежност, како: јавните претпријатија: за урбанистичко планирање, Жабени, Паркинзи, Зоолошката градина, Старскиот дом Сју Рајдер, ОУ Ѓорги Сугарев.

Од она што го имам како повратна информација, практикантите се задоволни од нашата заедничка соработка, а истите беа наша голема помош и поддршка во реализацијата на тековните активности.

Примерот на Општина Битола, беше прифатен и од неколку компании од приватниот сектор, кои покрај воспоставената соработка со Универзитетот и директно не контактираа за препорака на студенти со кои можат да соработуваат, што значи и нивна потенцијална можност за вработување. Се разбира, дека сите студенти кои покажаа посветеност и исполнителност ја имаат нашата поддршка, а завршувањето на нивната практична работа е градење на еден нов почеток, кој долгорочно очекувам да донесе високи резултати и за институциите, но и за младите луѓе, кои се движечката сила на нашето општество.

Сигурен сум дека, преку отворените денови, УКЛО, ќе продолжи да гради нови пријателски мрежи, каде Општина Битола, континуирано ќе биде значаен партнер и соработник. Само така, недостатоците постепено ќе се елиминираат, а успешно завршените проекти ќе бидат се побројни.

Успехот сепак, зависи од сите нас, од нашата подготвеност да учиме едни од други, да споделуваме мислења и ставови и најважно, да ги слушнеме младите, зошто нивните знаења, искуства и предлози, се токму нашиот патоказ кон иднината во која младите, токму од своите родни градови, треба да продолжат да работат и создаваат“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски во своето обраќање на Економскиот факултет во Прилеп.

Вториот Отворен ден на УКЛО, УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ – СОРАБОТКАТА НА ДЕЛО во Економскиот факултет во Прилеп се реализира со обединување на капацитетите и ресурсите на УКЛО, јавните институции, Општина Прилеп, Општина Битола, бизнис заедницата, Регионалната стопанска комора и граѓанскиот сектор, со поддршка на COSV branch Prilep – Entrepreneurship for tertiary graduates од проектот ЕНТЕГ, во рамките на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка.

Прочитајте