“Иако Министерството за транспорт и врски е надлежна институција за градежништвото, Министерството за економија има една многу значајна улога во делот на градежните производи кои се клучен елемент на градежништвото и во делот на енергетска ефикасност на зградите за кој дел сите сме сведоци дека е приоритет на ЕУ политиките.
Ефикасен и силен механизам за контрола на квалитетот на градежните материјали кои се нудат на пазарот е еден од најзначајните предуслови што треба да обезбедат дополнителни гаранции за сигурноста на градбите и одржлив раст на домашната градежна индустрија. Градежната индустрија е значаен двигател на економскиот развој на земјата. Поради ваквото нејзино значење, добро е што оваа гранка од индустријата се потпира врз силни компании кои имаат капацитет, знаење и големо искуство и кои континуирано вложуваат во производство на квалитетни градежни материјали“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на Првата конференција за патна инфраструктура која се одржува во Охрид.
Министерот Бектеши кој беше говорник на панел дискусијата насловена “Улогата на градежништвото во економскиот развој на државата“ кажа дека Министерството за економија во 2021 година го донесе новиот Закон за градежни производи кој е целосно усогласен со Регулативата 305/2011 од Европска Унија и придонесува за поедноставување на административните постапки , скратување на времето за добивање и именување на тела и е во функција на зголемување на ефикасноста за контроли и сузбивање на сите технички и трговски бариери во оваа област.
Министерот во својето обраќање се осврна на времето кога македонските градежни компании беа најголеми градежници на инфраструктура во земјите од регионот и пошироко.
„Нас ни е потребна стратегија која ќе покаже дали навистина сакаме да градиме одржлива инфраструктура. Нашите компании сега помалку работат на странските пазари, а тоа е пораз и за државата. Затоа мора сите да работиме заеднички здружено, а и градежните компании да работат здружено за да бидат конкурентни“ кажа министерот.
Министерот потенцираше дека секторот градежништво е важен за економијата и учествува со 5% во Бруто домашниот производ (БДП)
„Потребна е поголема конкурентност и континуиран развој согласно новите технолошките трендови и барања поврзани со Зелената агенда вклучувајќи зелена трансформација, енергетска ефикасност, циркуларна економија и искористување на градежниот отпад, како и поттикнување на дигиталната трансформација во градежништвото, вложување во истражување и развој и вештини, за развој на одржливи материјали како солидна основа за одржливи и паметни решенија во градежништвото и градежните материјали“ кажа министерот Бектеши.
Извор: Влада