Денеска во Скопје министерот за локална самоуправа Ристо Пенов имаше состанок со српскиот министер надлежен за рамномерен регионален развој, Едвин Џерлек.
На состанокот се разговараше за искуствата на двете земји во спроведувањето на политиката за рамномерен регионален развој и за напредокот во процесот на интегрирање во Европската Унија.
Министрите истакнаа дека е многу важно рамномерниот регионален развој да биде поттикнуван со средства од буџетот на државата, но важно е да се градат капацитети и за поголема апсорбција на средства од ИПА фондовите на Европската Унија.
Рамномерниот развој треба да обезбеди подобри услови за живеење во помалку развиените подрачја и општини, но и да го поттикне вкупниот развој на државата и на регионот.
Исто така беше нагласено дека е потребно да се зајакнуваат капацитетите за спроведување на иновативни решенија, да се следат развојните цели и мерки во документите на ЕУ и да се аплицираат добрите пракси од земјите членки на Европската Унија.
Министрите изразија задоволство од соработката меѓу двете земји, од користењето на средствата од ИПА Програмата за прекугранична соработка, што исто така има влијание на рамномерниот регионален развој. Предизвици постојат, беше речено, но важно е соработката да продолжи и да наоѓаме решенија за поголемо поврзување, за побрз развој на регионот и за подобрување на квалитетот на живеење на нашите граѓани.
Извор: Влада