spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаБуџетот за 2024 е развоен, целосно се обезбедени повисоките пензии и плати,...

Буџетот за 2024 е развоен, целосно се обезбедени повисоките пензии и плати, 733 милиони евра капитални инвестиции

Владата на Република Северна Македонија денеска на редовната седница, на предлог на Министерството за финансии, го усвои Предлог-буџетот за 2024 година. Цели на буџетот за следната година се да обезбеди забрзување на економскиот раст, да осигура фискална одржливост и да овозможи редовна исплата на сите обврски, вклучително и повисоки плати, пензии, социјални права, поддршка на претпријатијата и земјоделците , како и граѓаните. Предлог-буџетот, кој Владата ќе го достави до Собранието, на конференција за печат, на јавноста и го претставија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Тој ќе обезбеди фискална одржливост преку понатамошно спроведување на процесот на фискална консолидација. Буџетот ќе биде добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции, иновативност на домашните компании, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, како и интензивирање на конвергенција на Република Северна Македонија кон ЕУ. Исто така, тој ќе овозможи редовно и непречено извршување на сите законски обврски, вклучително и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО и непречено спроведување на изборните активности“, истакна премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека Буџетот трета година по ред се планира во услови на изразена неизвесност, надворешни ризици и неповолни трендови во глобалната економија и дека Предлог-буџетот за 2024 година е одговор на потребите и состојбата во која се наоѓа македонската економија. Во 2024 година се очекува раст на економијата од 3,4% во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка, додека стапката на инфлација се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6%.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари (31,6% од БДП) и истите се за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари (35% од БДП) или за 5,8% повисоко во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 3,4% од планираниот БДП или во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари. Планираниот дефицит е во согласност со определбата за фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и реализацијата на инфраструктурните проекти.

Министерот за финансии Бесими подвлече дека вака структуриран буџетот, со едновремено намалување на расходната страна и подобрување на наплатата на давачките на приходната страна, ја одразува заложбата на Владата за фискална консолидација, односно намалување на дефицитот.

„Предлог-буџетот ги има сите карактеристики  едновремено да го поддржи развојот, но и да  обезбеди фискална одржливост, што е од големо значење за економија во развој како нашата. Развој и одржливост – тоа се двата клучни збора кои го опишуваат буџетот за 2024 година. Буџетот за 2024 година е развоен, поради продолжувањето на инвестициите во инфраструктурата, односно најголемиот инфраструктурен циклус во историјата на нашата држава. Буџетот е одржлив, бидејќи и покрај силната инфраструктурна компонента и надворешните предизвици, продолжуваме со фискалната консолидација, односно го намалуваме и понатаму буџетскиот дефицит на 3,4% (скоро една третина во однос на оваа година кој изнесува 4,8%)“, потенцира Бесими.

Тој додаде дека за реализација на планираниот инвестициски циклус во Буџетот преку капитални расходи се планирани 45,1 милијарда денари за инвестиции во веќе започнатите инфраструктурни проекти, како патна и железничка, енергетска и комунална инфраструктура, во здравството, образованието, социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштита на животната средина и правосудството.

На прес-конференцијата беше истакнато дека со Предлог-буџетот за 2024 година се продолжува воспоставената пракса за почитување на златното правило во јавните финансии, односно дефицитот да е помал од капиталните расходи и се обезбедуваат и средства за системски воспоставените механизми за понатамошно зголемување на платите во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор, зголемување на пензиите и повеќе средства за општините.

„Само за исплата на зголемените плати во овој Предлог-буџет се обезбедени дополнителни 160 милиони евра, дополнителни 170 милиони евра за спроведување на системското решение за исплата на зголемените пензии, а истовремено имаме номинално понизок дефицит во однос на оваа година за 150 милиони евра, тоа се средства со кои се прави заштеда и значи помало задолжување“, рече министерот Бесими.

Со Предлог-буџетот за 2024 година за тековните расходи се планирани 298,6 милијарди денари, со кои се обезбедува редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор и нивно усогласување со Општиот колективен договор, навремена и редовна исплата на пензии и нивно усогласување согласно системското решение, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и алоцирање на средства за таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството. За трансфери и субвенции се планирани 215,2 милијарди денари, кои се за  околу 5% повеќе во однос на 2023 година. За исплата на пензии согласно новата утврдена методологија, се планирани 83,6 милијарди денари. За исплата на надоместоци за социјална заштита 13,5 милијарди денари. Дополнителни 1,5 милијарди денари се за таргетирани мерки за најранливите категории на граѓани. За активни мерки и политики за вработување 2 милијарди денари.

За здравствена заштита се предвидени 45,7 милијарди денари со кои ќе се финансираат здравствените услуги, исплата на обврски на јавните здравствени установи, програмите за лекови, меѓу кои и за лекот за цистична фиброза – Трикафта, како и обезбедување средства за зголемени плати за сите вработени во јавното здравство согласно Општиот колективен договор.

Предвидени се средства за исплатата на земјоделски субвенции, субвенции за поддршка на мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативна дејност, технолошки развој и истражување, нови инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања и слично.

Со Буџетот за 2024 година се обезбедуваат и повеќе средства за трансфери до единиците на локалната самоуправа во износ од 29,7 милијарди денари. Општините ќе добијат 787 милиони денари односно 15,5% повеќе средства врз основа на планирано зголемување на процентот на приходите од ДДВ кои се распределуваат на општините од 4,5% на 6% од наплатениот ДДВ во претходната година. Дополнителното зголемување од 2,5 милијарди денари е обезбедено за финансирање на зголемените плати на вработените во институциите на локално ниво.


Интегрално обраќање на премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по повод усвојување на Предлог-буџетот за 2024 година од страна на Владата на Република Северна Македонија

Во рамки на редовниот буџетски циклус, на последната седница, Владата го усвои Предлогот за буџет за 2024 година, доставен од Министерството за финансии. Буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Тој ќе обезбеди фискална одржливост преку понатамошно спроведување на процесот на фискална консолидација. Буџетот ќе биде добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции, иновативност на домашните компании, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, како и интензивирање на конвергенција на Република Северна Македонија кон ЕУ. Исто така, тој ќе овозможи редовно и непречено извршување на сите законски обврски, вклучително и обврските кои произлегуваат од членството на Северна Македонија во НАТО.

Дополнително Предлог-Буџетот за 2024 година е одговор на потребите и состојбата во која се наоѓа македонската економија. Со буџетот се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош како и надмирувањето на другите потреби на граѓаните, како и сервисирање на обврските на државата кон кредиторите.

Трета година по ред, буџетот се планира во услови на изразена неизвесност, надворешни ризици и неповолни трендови во глобалната економија. Според есенските проекции на ММФ, растот на глобалната економија се очекува да забави од 3,5% во 2022 година на 3% годинава и 2,9% во 2024 година, при што економската активност во ЕУ во 2023 година се очекува да остане слаба и да забележи раст од 0,7%, додека во 2024 година растот е проектиран на 1,5%. Германија, земја во која е насочен најголемиот дел од извозот на нашите домашни компании, се очекува да закрепне и да забележи раст од 0,9% во 2024 година, по проектираниот пад од 0,5% во 2023 година. Глобалната инфлација се очекува да се намали на 6,9% во 2023 и 5,8% во 2024 година, додека инфлацијата во Еврозоната е проектирана на 5,6% во 2023 година, што е во согласност со проекциите на ЕЦБ и 3,3% во 2024 година.

Овие три години, во услови на континуирана криза и неизвесност предизвикана од неповолни надворешни фактори, домашната економија се покажа отпорна и остана на патеката на растот. Економската активност кај нас во првата половина од 2023 година забележа раст од 1,6%, односно 2,1% во првиот квартал и 1,1% во второто тримесечје. Главен двигател на растот беше услужниот сектор во чии рамки најголем позитивен придонес имаа трговијата, транспортот и угостителството со раст, односно најпогодените сектори од пандемијата, додека солиден раст имаше и во финансиските и информациско-комуникациските дејности. Индустриското производство закрепна во вториот квартал и достигна раст од 1,7% во првата половина од годината, со тоа што најголем ограничувачки фактор за динамизирање на растот е падот кај производството на метали поради влијанието на енергетската криза. Мерките за поддршка за целосно искористување на домашните капацитети за производство на електрична енергија придонесоа за раст на производството од високи 18,6% во првите девет месеци. Земјоделското производство во првата половина од годината остана во позитивната зона, додека единствен исклучок е градежништвото, кое по растот во првиот квартал, забележа значително намалување во вториот квартал, но се очекува овие движења да бидат коригирани со динамизирањето на големите инфраструктурни проекти. Големо влијание врз растот имаат и извозот и приватната потрошувачка. Приватната потрошувачка се зголеми како резултат на порастот на платите, зголемените дознаки од странство, растот на кредитирањето и владините мерки за поддршка на економијата, додека јавната потрошувачка се намали како резултат на политиката за кратење на неприоритетните трошоци. Извозот на стоки и услуги продолжи со позитивните движења во првата половина од годината, додека увозот забележа пад како резултат на намалениот увоз на енергенси.

Очекувањата за годинава се дека ќе оствариме раст на БДП од 2,3%, а притоа, домашната побарувачка ќе зајакне како резултат на понатамошниот раст на приватната потрошувачка, поддржана од реалниот раст на платите, зголемувањето на пензиите и најавените мерки за дополнителна финансиска поддршка на граѓаните. Извозот на стоки и услуги се очекува да продолжи да расте, додека увозот ќе закрепне до крајот на годината. Продолжува и трендот на намалување на невработеноста и пораст на вработеноста, со тоа што согласно податоците на државната статистика невработеноста во вториот квартал е на историски најниски 13,1%. Кај стапката на вработеност се забележува квартален раст за 6.472 нови вработени лица. Просечната нето-плата заклучно август годинава е повисока за 14% во однос на истиот период лани, со тоа што пораст на нето-платата е забележан во сите сектори, а највисок е растот во градежништвото и преработувачката индустрија. Годинава инфлацијата континуирано забавува и во октомври се сведе на 3,5% годишен раст во однос на истиот месец лани, или просечно 10,7% за периодот јануари-октомври. Како резултат на мерките на Владата за намалување на цените на основните производи до крајот на годината се очекува понатамошно намалување на инфлацијата.

Имајќи ги предвид надворешните и домашните макроекономски показатели, како и тековните и среднорочни проекции, буџетот за 2024 година е конципиран врз основа на следните очекувања:
●    Во 2024 година економскиот раст во земјата се очекува да забрза и да изнесува 3,4%, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка. Најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите, пред сѐ како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, придружени со мерките и активностите за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст. Исто така, во двигател на растот ќе биде и државната поддршка за унапредување на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, иновативноста и технолошкиот развој на претпријатијата преку обезбедување на алтернативни извори и инструменти за финансирање, како и најавените инвестиции за проширување и изградба на нови капацитети во технолошко-индустриските развојни зони кои се очекува да придонесат кон раст на приватните инвестиции. Започнувањето на пристапниот процес кон ЕУ, ќе ги зајакне реформските процеси во земјата и ќе обезбеди зголемена поддршка за инвестиции, со што дополнително ќе се унапреди довербата кај инвеститорите. Поволните услови во земјата како и зголемениот интерес и поддршка за инвестиции во обновливи извори на енергија, дополнително ќе ја поддржи инвестициската активност.

●    Закрепнувањето на економската активност кај нашите најголеми трговски партнери, ЕУ и Германија, и понатамошното стабилизирање на глобалните синџири на производство се очекува позитивно да влијаат врз надворешната побарувачка и динамизирањето на надворешно-трговската размена.

●    Стапката на инфлацијата во 2024 година се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6% во услови на одржување на стабилно ниво на цени на енергенси и храна на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.

●    Позитивните движења на пазарот на труд се очекува да продолжат во 2024 година, како резултат на зголемените инвестиции и потребата од работна сила, активните мерки и програми за вработување и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Така, во 2024 година се очекува раст на бројот на вработени за 2%, што ќе резултира со дополнително намалување на стапката на невработеност наредната година.

●    Номиналниот раст на платите е проектиран на 8,4%.

Основното макроекономско сценарио е придружено со ризици, кои се поврзани со војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и нивното влијание врз глобалната трговија и пазарите, понатаму, затегнатите финансиски услови и геофрагментацијата која е сѐ повеќе присутна во светот. Како позитивен фактор може да се посочи нашата стратешка определба за членство во Европската Унија и успешното спроведување на скрининг процесот.

Согласно тековниот макроекономски контекст, а во функција на остварување на нашите цели за забрзување на економскиот раст и продолжување со евроинтегративниот процес и конвергенцијата кон ЕУ, буџетот за 2024 година е проектиран на 343,6 милијарди денари или 5,5  милијарди евра, или расходната страна е позиционирана за 5,8% повисоко во однос на 2023 година, додека приходите се проектирани на 310,1 милијарди денари или 5 милијарди и 40 милиони евра  и истите се за 10% повисоки во однос на 2023 година.  Вака планираните приходи и расходи резултираат со намален буџетски дефицит во однос на 2023 година за околу 9,2 милијарди денари односно 150 милиони евра и истиот е проектиран во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари или 545 милиони евра или на ниво од 3,4% од планираниот БДП. Со проектираното ниво на буџетскиот дефицит се потврдува конзистентноста на фискалната политика, во согласност со среднорочната фискална рамка.

Во предлог буџетот се проектираат средства за понатамошно покачување на платите во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор, како и за покачување на пензиите согласно воспоставеното системско решение. Исто така, согласно реформата за финансирање на единиците на локалната самоуправа се издвојуваат повеќе средства за општините, односно поголем процент од наплатените даноци на ниво на општината согласно претходно усвоените законски решенија.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари  односно 5 милијарди и 42 милиони евра или 31,6% од БДП и истите се за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или 5,5 милијарди евра што е 35% од БДП или за 5,8% пониско во однос на 2023 година.

Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 3,4% од планираниот БДП или во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари или 545 милиони евра.

Планираниот дефицит е во согласност со определбата за фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и реализацијата на инфраструктурните проекти.

Капиталните расходи се проектирани на високо ниво од 45,1 милијарда денари или 733 милиони евра, со што буџетот за 2024 година има изразена развојна компонента. Со ова се обезбедуваат средства за спроведување на планираниот инвестициски и  инфраструктурен циклус, со кој ќе се даде поддршка на економијата да застане на здрави нозе, како и да се создаде солидна основа за забрзување на економскиот раст.

Почитувани граѓани, почитувани медиуми,

Нашите среднорочни очекувања, согласно Фискалната стратегија 2023-2028 година, со спроведување на инвестицискиот циклус, вложувајќи во крупни инфраструктурни проекти, како и со напредувањето во преговорите со ЕУ, но и спроведување на Планот за заздравување и забрзување на економскиот раст, преку кој се планира мобилизација и мултипликација на ангажираниот капитал во развојни цели, е растот да забрзува на среден рок и да ги достигнеме потребните стапки на раст од околу 5% за развој на домашната економија. Со ова ќе обезбедиме подобри услови за живот на нашите граѓани и попросперитетна, европска иднина.

Сакам да се заблагодарам на Министерот за финансии, на заменикот, на сите колеги кои работеа на овој буџет и секако на сите други колеги од другите институции кои учествуваат во неговата подготовка.

Ви благодарам!

 

 

 

 

 

Избор: Влада

Прочитајте