Во рамките на конференцијата, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу учествуваше на панел дискусијата: ,,Стратегија за дигитализација и сајбер безбедност на Северна Македонија“, на која говореше на теми поврзани со актуелните предизвици во процесите на дигитализација, сајбер безбедноста и усогласувањето со Европското законодавство.
Во таа насока, министерот Алиу ги истакна интензивните активности што се одвиваат во Министерството за информатичко општество и администрација во изминатиов период и меѓу другото се осврна на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација и на плановите за формирање на Агенцијата за дигитализација.
“За нас како Министерство, подобрувањето на сајбер безбедноста е од исклучителна важност. Затоа го изработивме Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, кој беше подготвен во рекордно време, со цел да ја воспостави структурата и функциите на Агенцијата за дигитализација на Северна Македонија. Агенцијата ќе се грижи за развојот на јавните услуги и унапредување на користењето на технологијата во јавните услуги и стратегии за заштита на критичната инфраструктура и податоците на граѓаните, со што нивото на сајбер безбедност ќе биде повисоко“, истакна министерот Алиу.
Покрај министерот Алиу, на овој панел учествуваа и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковскa како и Јетон Акику, директор на Агенцијата за електронски комуникации.
Учесниците дискутираа за NIS 2 Директивата од ЕУ, клучните предизвици, трансформирањето на пејзажот на дигитализацијата и сајбер безбедноста преку новите иницијативи во Европската Унија, како и за неопходоста од усогласување во одредени сектори како финансиите, здравството и управувањето.
Конференцијата што ја организира Американската Стопанска Комора во Северна Македонија, ќе трае два дена, а меѓу темите за дискусија се и Потребата од проактивна сајбер отпорност, Актуелни предизвици и изнаоѓање решенија, Критични компоненти на сајбер програма, Пејзаж и политики за сајбер безбедност – регионален преглед.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација