,, Заедно да ја спречиме антимикробната отпорност“ – со оваа порака, мото на годинашната глобална кампања за подигнување на јавната свест за одбележување на Светската недела за свесноста за антибиотиците, директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Николче Бабовски се обрати пред учениците на панел дискусијата која ја организира АХВ како дел од годинашните активности кои од 18 до 24 ноември ќе се реализираат во рамки на Светската недела за свеста за антибиотиците (World Antibiotic Awareness Week) и Европскиот ден за свеста за антибиотиците (European Antibiotic Awareness Day). Целта на кампањата, кон која и годинава се приклучува АХВ како што потенцира Бабовски е да се подигне свеста и на граѓаните и на научната јавност за важноста од рационалната употреба на антибиотиците и во ветеринарната медицина и во хуманото здравство, бидејќи нивната неконтролирана употреба во опасност не доведува сите – луѓето, растенијата, животните и животната средина.
-Рационалната и контролираната употреба на антимикробните средства е прашање од исклучителна важност за сите нас, почнувајќи од примарното земјоделско произвоизводство. Водењето сметка за употребата на пестицидите, на ветеринарно-медицинските препарати, вклучително и на антибиотиците во ветеринарната медицина, како и нивната примена во хуманата медицина се прашања кон кои попосветено треба да се осветиме во идниот период. Мултисекторскиот пристап кон решавањето на ова прашање, треба да почне од размената на информации и искуства меѓу институциите и науката, а потоа да се имплементира и на терен – рече Бабовски.
Како држава, во светски рамки одлично котираме на полето на обуките и професионалната едукацијата за атнтимикробната отпорност во ветеринарната медицина, истакна во презентацијата за состојбата на земјава на ова поле, Блажо Јаневски, раководител на Секторот за стручна поддршка при АХВ. Добра е и позиционираноста на лабораториите на ова поле, рече тој и додаде дека она на што како институција треба да се сконцентрираме во наредниот период е засилување на институционалната посветеност и константност на политиките во однос на АМР, за што е потребно зголемување на инвестициите во сите засегнати сектори за што неминовно потребно ќе е да се изгради и техничкиот капацитет ни и да се зголеми и свесност и експертизата на ова поле.
Агенцијата за храна и ветеринарство, беше речено на панел дискусијата во наредниот период ќе се фокусира на зголемување на нивото на компетентност и свесност за АМР, обезбедување и одржување на високо ниво на заштита на потрошувачите, здравје и благосостојба на животните. Фокусот ќе биде насочен и кон промовирање на хармонизиран пристап во областа на здравјето на луѓето и животните и создавање на еднакви услови за делување на сите бизниси.
-Подигнувањето на јавната свест за АМР е долготраен процес во кој треба да бидеме вклучени сите, почнувајќи од најраната возраст, од децата. Превенцијата е најважна. Вакцинациите, подигнување на биосигурносните мерки на фармите се само дел од мерките на кои треба попосветено да работиме во иднина, бидејќи употребата на антибиотиците можеме да ја намалиме само ако ги намалиме и болестите – истакна Ромел Велев, од Факултетот за ветеринарна медицина.
Тања Петреска Иваноска од Фармацевтскиот факултет – Скопје истакна дека во последните години евидентна е намалената употреба на антибиотици во хуманата медицина, но, се уште останува отворено прашањето за нивното несоодветно одлагање, особено на антибиотиците на кои им изминал рокот на употреба.
Поголема употреба на билките во секојдневниот живот и во хуманата медицина е дел кој исто така ќе придонесе за намалувањето на употребата на антибиотиците, порача Билјана Бауер од Фармацевтскиот факултет.
Славица Коштревска, претставник од Ветеринарната комора посочи дека членките на Комората годишно посетуваат голем број на обуки за унапредување на знаењата од областа на ветеринарната медицина, вклучително и оние кои се однесуваат на употребата на антибиотиците за лекување на болестите кај животните. Таа ја истакна досегашната одличната соработка која нивната организација ја имаат со науката и институциите на системот на полето на здравствената заштита и благосостојбата на животните.
Панелистите се согласија дека е неминовно да се идентификуваат националните иницијативи и мрежи кои постојат во земјава, или кои би можеле да се создадат со давање соодветен одговор на заканата и ризикот поврзан со антимикробната отпорност.