Во Владата на Република Северна Македонија денеска започна инаугуративната седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата. Настанот е во заедничка организација со Британската амбасада во Северна Македонија, со чија поддршка е реализирано формирањето на Советот во рамки на проект за поддршка на Директоратот за НАТО во Министерството за надворешни работи. Советот беше формално усвоен на Владина седница во јануари 2024 година како формален меѓувладин механизам за координација на прашањата поврзани со националната безбедност и одбраната поврзани со НАТО.
Инаугуративната седница ја отвори и прв се обрати премиерот, Талат Џафери. Во своето обраќање тој истакна: „Пред се, овој Совет денеска, ја потврдува нашата посветеност на безбедноста низ единството, и нашата силна врска со нашиот сојузник и поддржувач – Обединетото Кралство“.
Во услови кога светот се соочува со нарушена безбедност, со предизвици за нашите демократски вредности и принципи од страна на авторитарните актери, секој заеднички потфат е придонес во одржувањето на стабилноста и безбедноста, како и на зацврстувањето на нашата позиција како фактор на стабилност на регионот. Токму тоа е ефектот кој очекувам да го постигне и овој Совет. Меѓутоа, ние не сме само фактор на стабилност во регионот. Ние придонесуваме рамноправно и рамо до рамо со нашите други сојузници во НАТО, моментално 31, а наскоро 32, во зачувувањето на мирот на над милијарда граѓани со кои ги делиме истите демократски определби за мир и стабилност.”
Свое обраќање имаше и британскиот амбасадор Метју Лосон, кој потенцираше: „Оваа година НАТО слави 75 години од основање на организацијата. НАТО е најуспешниот одбранбен сојуз во историјата во чии рамки повеќе од една милијарда луѓе живеат во побезбедно и посигурно опкружување. Првиот состанок на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Северна Македонија во НАТО денес е дел од британската поддршка кон земјата, како наш силен НАТО партнер. Работиме и со други НАТО партнери за да ја обучиме баталјонската група да биде подготвена за распоредување до 2026/27. Спроведуваме и обуки за извидување и други обуки на Криволак. Ве поддржуваме во градење на капацитети за цивилно – воена соработка во Министерството за надворешни работи и во исчекување сме на проширување на оваа соработка и со други министерства”.
На настанот се обрати и министерот за надворешни работи Бујар Османи, со фокус на следново: „Изминатите години остваривме значајни резултати и се докажавме како кредибилен и сигурен сојузник, посветен на промовирање на регионалниот мир и стабилност и одржување на колективната безбедност. Но, неопходно беше Северна Македонија да воспостави Совет за координација на активностите кои произлегуваат од членството во Алијансата. Заради тоа, Министерството за надворешни работи го иницираше формирањето на ова тело, со кое се овозможува синхронизирана, ефикасна, но пред се интегрирана меѓу-ресорска соработка и консултации за сите прашања кои произлегуваат од членството во Алијансата. Значајно е да напоменам дека во процесот на имплементација на оваа иницијатива, добивме советодавна поддршка од Обединетото Кралство, како наш значаен НАТО сојузник, во рамки на проектот за менторство и градење на капацитетите на Директоратот за НАТО и политичко-безбедносни прашања при Министерството за надворешни работи.”
Обраќање на премиерот Талат Џафери на инаугуративната седница за формирање на Совет за координација на активности на Северна Македонија во НАТО
„Почитуван амбасадоре Лосон,
Почитувани гости и членови на Советот,
Почитувани медиуми и граѓани кои ја следите оваа седница,
На самиот почеток сакам да изразам големо задоволство за поводот за кој сме денеска собрани тука. Денес, го формираме Советот за координација на активностите на Северна Македонија во НАТО, што како заложба произлезе уште од 2018 година, при нашите подготовки за членството во НАТО.
Имајќи ги предвид предизвиците кон безбедноста и стабилноста со кои се соочуваме како дел од Евроатланската заедница, формираме Совет кој ја зацврстува нашата отпорност и кој ќе помогне во нашиот координиран настап како институции, кога е во прашање безбедноста во најширока смисла.
Пред се, овој Совет денеска, ја потврдува нашата посветеност на безбедноста низ единството, и нашата силна врска со Обединетото Кралство, поради што денес покрај мене стои и амбасадорот Лосон, во име на нашиот близок сојузник и постојан помагач на нашата Евроатланска интеграција – Обединетото Кралство.
Почитуван амбасадоре, дозволете во оваа прилика да изразам благодарност во име на граѓаните на Република Северна Македонија и во мое лично име, до Вас и до соработниците кои неуморно работеа заедно со тимот на Министерството за надворешни работи и мојот тим, за да го овозможат овој момент.
Формирањето на Советот е фрагмент од севкупната поддршка која Северна Македонија ја добива од Обединетото Кралство, и со која се овозможува нашата забрзана евро-атланска интеграција. Всушност, тоа го прават искрените пријатели и сојузници едни за други, и драго ми е што нашите две држави имаат таква стара, долга и испреплетена нишка на блиски билатерални односи.
Почитувани присутни,
Во услови кога светот се соочува со предизвикување на нашите демократски вредности и принципи од страна на авторитарните актери, секој заеднички потфат е придонес во зацврстувањето на нашата позиција како фактор на стабилност на регионот. Токму тоа е ефектот кој очекувам да го постигне и овој Совет. Меѓутоа, ние не сме само фактор на стабилност на регионот. Ние придонесуваме рамноправно и рамо до рамо со нашите 30 други сојузници, во зачувувањето на мирот на над милијарда граѓани со кои го делиме истиот демократски дух.
Како членка на најмоќниот воен и одбранбен сојуз во светот, работиме за безбедноста на граѓаните на Северна Македонија и на граѓаните на 30 останати сојузнички земји. Преку имплементацијата на политиката за одбрана и одвраќање, инвестираме во договорените најсеопфатни одбранбени планови од крајот на Студената војна, дизајнирани за соодветен одговор и спротивставување на двете главни закани за Алијансата: Русија и тероризмот.
Авторитарните актери се обидоа да го поделат НАТО, но, наместо тоа добија Алијанса која се прошири и надгради. НАТО никогаш не било пообединето и посилно од денес. Членките инвестираат во својата одбрана како никогаш порано.
Оваа година, како земја, го достигнавме зацртаниот минимум од 2% на Бруто домашен производ кои ги договоривме со нашите сојузници на Самитот во Вилнус, од кои околу 30% ги наменуваме за опремување и модернизација, а сме меѓу единаесетте членки кои ја исполнија оваа обврска.
Продолжуваме со силната поддршка кон Украина, која во овој момент бие многу поголема битка од она што го гледаме на фронтовските линии. Украина веќе две години се бори за правото на слобода, бранејќи ја својата територија од Русија, која го наруши мирот на европско тло. Таа битка не допира сите нас, и затоа, Северна Македонија ќе стои покрај Украина се додека е тоа потребно. На Самитот во Вилнус ја исцртавме јасната визија за иднината на Украина, со силен пакет политичка и практична поддршка, чија национална координација ќе е работа токму на овој Совет.
Освен инвестициите и политиките кои ги водиме, би рекол дека една од клучните карактеристики кои не прават уникатни и не доведуваат до посебна силна позиција, е нашиот капацитет за градење на партнерства и соработка. Таа веројатно произлегува од нашата мултиетничка, мултикултурна земја, во која соживотот базиран на меѓусебна почит е нормално секојдневие. И токму таа се пресликува во односите што ги градиме и на Балканот но и во рамките на Алијансата.
Нашето делување е како врзивно ткиво кое поврзува демократи и прогресивни лидери во градењето на еден нов регион кој постојано оди напред и кон запад.
Крајно, би сакал да се осврнам кон еден важен датум. Оваа година го славиме јубилејот 75 години од основањето на НАТО Алијансата, и нашата четврта годишнина. Горд сум што оваа годишнина јас ќе сум премиерот кој ќе ги предводи активностите со кои ќе ја пратиме јасната порака на нашето силно единство. И внатре во Владата, и внатре во Алијансата.
Ви благодарам.“
Извор: Влада