spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМТВ: Бочварски - Обезбедуваме брза лента за издавање на патни документи за...

МТВ: Бочварски – Обезбедуваме брза лента за издавање на патни документи за професионалните возачи

На сите транспортери и превозници кои вршат транспортна дејност и поседуваат сертификати за професионални возачи, во следниот период им се овозможува по брза лента да можат да ги заменат своите патни документи.
 
Оваа мерка беше договорена по барање на Министерството за транспорт и врски и здруженијата и асоцијациите на транспортери и превозници на Република Северна Македонија, а во соработка со Министерството за внатрешни работи.
 
Во однос на дозволите, лиценците и изводите од лиценци, Министерството за транспорт и врски навреме ги замени сите потребни документи, што им се потребни на домашните транспортери за непречено одвивање на меѓународниот транспорт.

На денешната регионална средба со транспортерите од источниот регион што се одржа во Штип, се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат транспортните компании во внатрешниот и меѓународниот транспорт.

На средбата покрај министерот Бочварски беа присутни и претставници од Секторот за патен сообраќај при Министерството за транспорт и врски, Биљана Муратовска од Асоцијацијата на транспортери МАКАМ ТРАНС, Оливера Миовска од Асоцијацијата БЕСТ МОБИЛИТИ – НТА, како и претставници од Управата за јавни приходи и од Царинската управа.

Министерот Бочварски истакна дека транспортот е една од најзначајните гранки која учествува во брутодомашниот производ и од тие причини е многу значаен нејзиниот развој и одржливост. Притоа потенцираше дека Министерството за транспорт и врски секоја година ги зголемува меѓународните дозволи за транспорт.

„Драго ми е што се собравме сите денеска на оваа регионална средба за да поразговараме за сите отворени прашања во однос на транспортната дејност во земјата. Покажуваме посветеност и даваме поддршка за понатамошен развој на домашниот и меѓународниот транспорт, а доказ за тоа е решението кое го изнајдовме за обезбедување брза лента за издавање и менување на патните документи за сите транспортери и превозници кои поседуваат сертификати за професионални возачи, бидејќи транспортот не смее да застане и економијата мора да продолжи да расте. Министерството за транспорт и врски останува силен партнер на домашните транспортери, продолжуваме заеднички во обезбедување на подобри услови за функционирање на транспортната дејност.“ – изјави министерот Бочварски.

На средбата се отворија и прашањата за распределба на меѓународните дозволи кои секоја година се достапни во се поголем број.

Биљана Муратовска од МАКАМ ТРАНС истакна: „Околу 200 возачи има кои што се сликале или треба да се сликаат за нови патни исправи и драго ми е што наидовме на разбрање од Министерството за транспорт и врски, ќе направиме списоци и ќе ги доставиме за понатамошно проследување до МВР. Имаме неколку иницијативи до Владата и до Министерството за финансии за подобрување на дејноста и очекуваме повратни одговори. Имаме многу проблеми и на европските пазари, но некако од година во година се бориме да ги подобриме условите.“

Оливера Миовска од БЕСТ МОБИЛИТИ – НТА во своето обраќање истакна дека е потребно да се следат глобалните трендови во транспортот.

„Ги следиме глобалните предизвици и се залагаме за побрзо минување на границите и генерално да носиме прагматично решенија со цел да го подобриме транспоротот и работата на транспортерите.“ – истакна Миовска.

Извор: Влада

Прочитајте

МОН: Конкурс за стипендии за студиски престој во земјите членки на...

0
Централноевропска програма за размена во областа на  универзитетските студии    (CEEPUS-Central European  Exchange Program for University Studies)  објавува: КОНКУРС за стипендии за студиски престој во земјите членки...