spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаГрковска на конференцијата „Две години хероизам“: Украинците се борат за слобода, но...

Грковска на конференцијата „Две години хероизам“: Украинците се борат за слобода, но и за врвните принципи на хуманоста, правдата и демократијата

„Украинките и Украинците цели две години му покажуваат на светот колку е скапоцена борбата за слобода и борбата за сите оние вредности, кои само во слобода можат да се негуваат“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во своето обраќање на денешната конференција „Две години хероизам“, во организација на украинската амбасада во земјава, а по повод одбележувањето на двегодишнината од почетокот на руската воена агресија врз Украина.

Грковска нагласи дека борбата, која Украина е принудена да ја води за да ја зачува својата самостојност и територијален интегритет, е и подалекусежна борба, борба за врвните принципи на човечноста, хуманоста, на правото и правдата.

„Ова што се случува на украинско тло е повторување на една стара лекција која човештвото никако да ја научи – дека режим кој убива, и туѓи и свои, за да опстои, режим кој почива на длабока корупција, режим во кој владеат хирови наместо закони и во кој тесните интереси на малкумина имаат предност пред животот на милиони, таков режим неизбежно води кон деструкција и страдање“, истакна Грковска и дополни дека сето ова е и потсетник за важноста на демократските придобивки и функционалната демократија, како најотпорен браник од опасноста што ја носи акумулацијата на неограничена моќ. Грковска им оддаде признание на украинските власти, што и во воени услови, тие се посветени на имплементирање на политики за добро владеење и борба со корупцијата, како предуслов за градење здраво демократско општество.

Упатувајќи изрази на солидарност со Украина, вицепремиерката Грковска изрази надеж дека набргу ќе дојде денот кога ќе се одбележи крајот на војната и ќе се прослави мирот.

„Се надевам дека што побрзо ќе дојдат и деновите кога, како дел од европското семејство, заеднички ќе ја градиме иднината, во радост, спокој и слободарски дух. Остануваме со вас, не само во нашите мисли и срца, туку и со целата помош и поддршка која можеме да ја дадеме на пријателскиот украински народ за да истрае во борбата за својата земја, слобода, живот“, истакна Грковска на конференцијата „Две години хероизам“.

Извор: Влада

Прочитајте

МЖСПП: Состанок со АДКОМ за проблемот со побарувањата на ЈКП

0
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска присуствуваше на состанокот со Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ на кој...