spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаИзјава од првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Маричиќ од...

Изјава од првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Маричиќ од Тирана од Лидерскиот самит на Западен Балкан за Планот за раст

Ве поздравувам од Тирана од Лидерскиот самит на Западен Балкан за Планот за раст. 


Тука уште еднаш се потврди дека забрзаното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е еднакво важно и за Брисел и за нашиот регион.

Затоа, ЕУ го создаде Планот за раст за земјите од Западен Балкан. Целта е јасна – забрзан пристап со што секој ден, сѐ повеќе ќе стануваме суштински дел од единствениот пазар на ЕУ. Тоа значи поголема мобилност, особено за компаниите и за младите. Посилни, секојдневни и суштински врски со државите членки на ЕУ. Тоа значи повеќе европски фондови, но и јасни, строги и прецизни правила кои спречуваат корупција на сите нивоа.

Договоривме неколку конкретни мерки:

Учество во единствената платежна зона на ЕУ позната како СЕПА, што значи олеснето и поевтино плаќање на производи и услуги меѓу ЕУ и Западен Балкан.  Ова е особено важно за нашата дијаспора која редовно праќа средства дома. Мерката ќе се спроведе до крајот на годината.

Друга конкретна мерка се Зелените ленти на граничните премини за возила кои носат производи од Западен Балкан. Целта е да се намали времето на чекање, а да се зголеми трговијата, а со тоа и економскиот развој.

Следна мерка е WIFI за Западен Балкан, кој ќе овозможи бесплатен Интернет пристап за граѓаните во јавните простори и објекти во 500 општини од целиот регион на Западен Балкан.  Оваа обврска ја преземавме исто така  до крајот на годинава, со финансиска помош од ЕУ.

Мерката за пристап до Европската мрежа на центри за дигитални иновации, ќе овозможи забрзана дигитална транзиција на малите и средни претпријатија, стартапи и јавниот сектор во земјите од Западен Балкан.

Конечно, последната мерка е вклучувањето на нашата фармацевтска индустрија и граѓанското општество во Системот за обезбедување на неопходни лекови на Европската Унија.

Планот за раст не е список на убави желби, туку конкретни мерки со конкретни придобивки за граѓаните.

Ние ќе го испорачаме неопходното од наша страна. Тоа е наша обврска кон сопствениот народ. Тоа е брзиот пат за постигнување на нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ.

До 2028 можеме да ги затвориме поглавјата од преговорите, секако, откако ќе ги завршиме уставните измени. А тоа ќе значи наше полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година.
 
МК во ЕУ до 2030 – тоа е реално и остварливо!

Извор: Влада

Прочитајте

Карпош: Еко викенд со ,,Генералка Викенд“

0
Општина Карпош и оваа година се придружи на националната еко акција, ,,Генералка Викенд“, во која се спроведе активно чистење на територија на цел Карпош,...