Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов денеска во Кавадарци имаше работен состанок со градоначалниците од Вардарскиот плански регион. Со градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев и со градоначалниците на општините од регионот се разговараше за начинот на функционирање и одржливоста на регионалниот стационар за згрижување на бездомни животни во Вардарскиот плански регион, изграден со финансиски средства од Министерството за локална самоуправа и донаторска поддршка од швајцарската Влада.
-Вредноста на проектот е 21 милион денари и со изградбата на стационарот во Вардарскиот плански регион се решава овој акутен проблем за 150 илјади граѓани во 9 општини од планскиот регион, затоа е важно општините да соработуваат и да обезбедат негова одржливост, преку заедничко финансирање на неговите функции, беше истакнато на состанокот.
На состанокот се разговараше и за други прашања поврзани со функционалноста на локалната самоуправа, како и за реализацијата на проектите финансирани од буџетската програма за рамномерен регионален развој.
Беше истакната важноста од соработка меѓу општините, но и соработката меѓу централната и локалните власти заради подготовка и финансирање на проекти кои што ќе го подобруваат квалитетот на живеење во општините и ќе создаваат услови за развој. Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој со средства од буџетот на државата во 2023 година финансираа 135 проекти за развој на планските региони, на општините, на селата и на специфичните подрачја, а се кофинансирани и 192 проекти во општините, финансирани од ИПА инструментот за прекугранична соработка, во вториот програмски период.
-Важна е соработката меѓу општините заради подготовка на поголеми, издржани проекти кои што покрај буџетските средства ќе можат да користат и средства од ИПА инструментот на Европската Унија и други донатори како што е Светска Банка и кои што ќе имаат поголемо влијание на квалитетот на живеење и на развојот на регионот, но исто така ќе гарантираат и одржливост на она што веќе е направено, беше речено на состанокот.
Извор: Влада