spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниВелес: Локална конференција за правата на децата и младите

Велес: Локална конференција за правата на децата и младите

Во рамки на проектот „Место за растење: општини посветени на децата“, во Europe house Veles, се одржа локална конференција на тема „Велес – општина посветена на децата“.

На конференцијата претставници на локалната самоуправа, образовни институции, детски градинки, јавни институции дебатираа на прашања поврзани со поттикнувањето на детското учество во планирањето и носењето одлуки.

Во своето воведно обраќање претседателот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац ги претстави досегашните и планираните активности за развивање на концептот „Општини посветени на децата. Свое воведно обраќање имаше и директорката на Центарот за семејно и детско згрижување Кристина Василевска која ја истакна потребата од детектирање на вистинските потреби и проблеми на децата во локалната заедница и нивно конструктивно решавање во соработка со надлежните институции.

Свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Велес Марко Колев кој истакна дека општината е отворена за сите потреби и проблеми на децата и младите во градот, преку континуирана непосредна комуникација со нив. Тој се осврна на се што е направено во изминатите двеипол години и што ќе се направи за нормален психофизички раст и развој на децата во Велес.

„Општина Велес во изминатите двеипол години навистина сериозно и посветено се вложи во градење на инфраструктура за развој на психофизичкиот развој на децата. Се работеше на подобрување на условите во училиштата и градинките, се реконструираа и изградија голем број на детски игралишта и спортски терени во градот, но и во руралните средини, се уредија зелени површини за одмор и рекреација.  “, истакна Колев.

На конференцијата зборуваше и претставник на Општина Велес кој истакна дека општината континуирано работи на унапредување на правата на децата и на нивното образование.

За предизвиците во градењето на детските права во современа локална самоуправа говореше социолог Љубе Лучков, поранешен претседател на Комисијата за заштита на правата на децата во Општина Велес.

За улогата и вклученоста на децата и младите во локалната самоуправа зборуваше Ивана Јордева, сертифициран младински работник во Младински центар Велес.

Психологот во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Соња Ристовска, на конференцијата зборуваше за улогата на воспитно-образовните институции кај децата и нивните права. Додека за децата од предучилишно образование зборуваше дефектоклог во ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Ефтимија Карбева.

Посебен акцент на правата на децата и младите дадоа Михаел Здраввковски и Изабела Димков, ученици во основните училишта „Блаже Конески“ и „Васил Главинов“. Тие се осврнаа на правата на младите и клучната улога на општината во креирањето и унапредувањето на истите права.

За предизвиците при решавање на детското претстапништво зборуваше Менка Андреева, претседател на Советот за детско претстапништво.  На конференцијата се дискутираше и за актуелните теми кај младите, врсничкото насилство и дискриминација на правата на децата.

По конференцијата се формираа општински панели кои треба да обезбедат структурирана и фокусирана работа поврзана со правата на децата и донесувањето на локалните стратешки планови, истовремено да  овозможат креирање на стратешки план за општина Велес со цел унапредување на правата на децата и нивно вклучување во локалното планирање.

Општина Велес е една од петте општини кои се вклучени во проектот „Место за растење: општини посветени на децата“, што го спроведува Првата детска амбасада во светот Меѓаши и Центарот за семејно и детско згрижување КМОП Скопје, а е финансиран од Делегација на Европска унија во рамки на локалните шеми за демократија и човекови права.

Извор: Општина Велес

Прочитајте

Дојран: Дојран Гурман Фест 2024

0
Дојран Гурман Фест 2024– гастрономско патување низ вкусовите на традиционалната кујна од Дојран приготвени од вештите раце на жените од “Здружение на жени-Дојрана” кои...