spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКисела Вода: Ѓорѓиевски на меѓународен самит во Сараево - Со паметни и...

Кисела Вода: Ѓорѓиевски на меѓународен самит во Сараево – Со паметни и флексибилни транспортни решенија, до зелена транзиција и транспорт

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски денес се обрати на меѓународниот ,,Самит на зелена мобилност”, во Сараево, каде учество земаат високи делегации од ЕУ, Западен Балкан и други земји набљудувачи. Учесниците на овој самит, со кои градоначалникот Ѓорѓиевски имаше бројни билатерaлни средби, разменуваат знаења и искуства со цел промовирање на одржлива мобилност, односно за имплементирање на паметни и флексибилни транспортни решенија.

На првата сесија, говореа и Магда Копчинска, директор на Директоратот за транспорт на ЕК,  директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, албанската министерка Белинда Балуку, Премиерот на кантонот Сараево Нихад Ук, министерот Един Форто и министерот Весич. Како претседател на Асоцијацијата на единиците на локалната самоуправа–ЗЕЛС во Република Мaкедонија и како прв човек на Општина Кисела Вода, градоначалникот Ѓорѓиевски укажа дека единиците на локална самоуправа имаат клучна улога во реализирањето на концептот за зелена транзиција и тоа  не само во доменот на транспортот, туку во целокупниот развој на локалната економија бидејќи 70% од релевантните политики и од законодавството за животна средина и зелена енергија на Европската Унија, усвоени и на национално ниво, подразбираат нивна реализација на локално ниво.

– Општините, како најблиска власт до граѓаните, не само што треба да ги спроведат законите, туку претходно треба да обезбедат и соодветен амбиент и да обезбедат нивна поддршка од населението –истакна во своето обраќање градоначалникот Ѓорѓиевски, додавајќи дека во Македонија, процентот на поддршката на политиките за борба против климатските промени и заштитата на животната средина е прилично висок, но сепак, во преземањето на конкретни активности за спроведување на Зелената агенда и декарбонизацијата на економијата, земјата е во почетен залет. Посочи на неколку добри примери, самостојно реализирани или поддржани од европски проекти, како што e ProSUMP-Проект на ,,Регионална размена на знаења и најдобри практики за одржливо планирање на урбаната мобилност со земјите од Западен Балкан“. Информираше и дека неколку општини донесоа планови за урбана мобилност кои се во согласност со Новата рамка на урбана мобилност на Европската Унија. Сепак, истакна дека за преземање на поголеми чекори, што ќе дадат глобален придонес за зелена транзиција, потребни ни се сериозни финансиски средства, како на нашата земја, така и на земјите од Западен Балкан. 

– Работиме на давање предност на велосипедите и велосипедските патеки, наспроти сообраќајниците и автомобилите; предност на зеленилото наспроти бетонизацијата; примена на обновливи извори на енергија и паметни алатки за уличното осветлување; водење грижа за енергетската ефикасност и друго. Работиме  и кон подигнување на јавната свест за селекција на отпадот и значењето на циркуларната економија, како и за намалување на потрошувачката и користење на помалку природни ресурси од порано. Во доменот на можностите даваме поддршка и на локалната економија во насока на нејзина полесна зелена транзиција. Но, за зафаќање со крупни инвестиции ни недостигаат големи финансиски средства. Тука би користеле за: обезбедување на прочистителни станици за заштита на сите водни ресурси; справување со дивите депонии, односно воспоставување на оддржливо управување со отпадот и изградба на стандардизирани депонии. Понатаму зголемување на капацитетите на јавниот транспорт и негова дигитализација, како и осовременување и проширување на железничкиот систем. Клучна поддршка треба да им дадеме и нашите земјоделци  за примена на климатски –паметно земјоделство со пренасочување на земјоделските субвенции кон еколошко обработување на земјата. Потребно е да преземеме активности за да го подготвиме образовниот систем за обезбедување на нови занимања кои ќе даваат поддршка на зелената транзиција-истакна Претседателот на ЗЕЛС, додавајќи дека има верба дека позитивните промени ќе се случат.

-Ние остануваме оптимисти. Ја прифаќаме потребата за промени и интензивно работиме и ќе работиме и во иднина на заштитата на животната средина и спречувањето на климатските промени во насока на обезбедување на општа благосостојба во светот-заокружи Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски на меѓународниот самит во Сараево.

Извор: Општина Кисела Вода

Прочитајте

Карпош: Соопштение

0
Општина Карпош е згрозена од синоќешниот немил настан во ромската населба во Злокуќани. Такво насилие, крволочност, со употреба на лопати, секири, ножеви… (за среќа...