Во организација на ЕГ „Грин Пауер“ и партнерите ПСК од Бистра и ПЕД Ендорфин од Кичево, а под покровителство на Општина Велес, вчера се одржа традиционалниот марш за Рацин до Лопушник. На маршот учествуваа 63 планинари, од повеќе клубови од Битола, Прилеп, Неготино, Росоман, Велес, Скопје, Демир Хисар, Кичево и Штип и 5 бајкери. Учесниците, на исклучително високи температури, поминаа 27 километри, за да стигнат на врвот Стог на Лопушник, на надморска висина од 1754 метри, каде во чест на Рацин, беа изведени актерски и музички перформанси од актерката Димитрина Мицкоска од Прилеп и кантавторот Славче Филиповски – Слав од Битола.
Извор: Општина Велес