spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeИнтервјуаИнтервју со градоначалникот Звонко Пекевски - Општина Берово

Интервју со градоначалникот Звонко Пекевски – Општина Берово

1. Какви реформи се случуваат во општинската администрација во Берово?

Насочени сме во градење на департизирана и стручна администрација, со тоа што се трудиме да добиеме професионални административни службеници. Целосно сме фокусирани на усовршување и јакнење на капацитетите на вработените и со тоа ги јакнеме мерките за развој на политиката на задржување на вработените во општината, како стручни и компетентни кадри од областа.

2. Што се предвидува и следува со Колективниот договор во општина  Берово, какви идеи и проекти имате за подобрување на работните услови за вработени?

Со Колективниот договор во Општина Берово, редовно се исплатува регрес за годишен одмор на вработените, се исплатуваат јубилејни награди, и награди заради зголемен обем на работа. Исто така во рамки на колективниот договор сите вработени добија додаток на плата, по основ на усогласување со минимална плата. Во иднина согласно колективниот договор, можно е и исплата на 13 плата, се разбира доколку има доволно средства во Буџетот на Општина Берово.

3. Дали ќе воведете Награда за Најдобар административен службеник и Најдобар млад административен службеник во тековната година?

Согласно постоечката документација, подзаконски акти и колективниот договор, во моментот тоа не е предвидено , но како идеа сосема е коректно и прифатливо и би можело во иднина да се предвиди. Сум размислувал за воведување на награда за најдобар административен службеник и секогаш имам дилема, во однос на тоа, како ќе се избере само еден службеник, затоа што секогаш во одредена успешна активност, се вклучени повеќе административни службеници.

4. Како и дали треба да се направи реорганизација во општина  Берово, кои се вашите мерки и идеи?

Сметам дека технологијата си го направи своето и е потребна целосна реформа и промена на внатрешната организација, што зависи и од одлуките кои ќе ги донесе Советот на општината.

5. Дали и на кој начин ќе ја поттикнете спортската и хуманата страна на вработените во општина Берово?

Во Општина Берово се организираат Работнички спортски игри во текот на месец март/ април , традиционално, секоја година, а вработените во Општина Берово учествуваат и се придружуваат кон сите хуманитарни акции, кои се организираат.

6. Кои се вашите клучни проекти што ги направивте во досегашниот мандат како градоначалник?

Во текот на мојот втор мандат, реализирани се голем број проекти , од кои би ги издвоил:

Реконструкција на филтер станица
Асфалтирање на повеќе улици во с. Двориште
Изградба на локален пат Берово- Црвен Брег- туристичка населба Абланица
Изградба на улица ,,Илинденска” во с. Ратево
Ново осветлување со лед светилки на главните сообраќајници во Берово.

7. Дали имате партиски реваншизам и отпуштање на административните службеници и вработените во општина  Берово, по основ на политичка партија и на кој начин ќе гарантирате дека нема да се случи?

Мислам дека од моментот кога сум градоначалник на Општина Берово, ниту во еден наврат немало партиски реваншизам и отпуштање на административни службеници и вработени по основ на политичка партија. Исто така сметам дека без разлика на партиската определеност, административните службеници во Општина Берово, одговараат на задачите кои произлегуваат од работното место и немало потреба, на тој начин да се реагира.

8. Дали ќе им дадете вистинското значење, дејствување и положба на синдикатот во општина  Берово за унапредување и заштита на работничките права?

Мислам дека веќе е дадено вистинско значење, дејствување и положба на синдикатот во Општина Берово и со потпишување на колективниот договор, во 2022 година, одредени права се унапредени, се разбира согласно можностите на Буџетот на општината.

9. Дали ќе овозможите едукација и усовршување на административните службеници и вработените во Општина  Берово, преку размена на проекти програми и семинари и доколку е ДА на кој начин?

Административните службеници , секојдневно ја усовршуваат својата работа, преку различни обуки и работилници, редовно посетуваат семинари за стручно усовршување и компетентност , се разбира секој во својата област.

10. Колку капитални проекти имате до сега, колку домашни и странски инвестиции  се донесени и колку нови работни места имате  и ќе отворите во општина  Берово ?

Од моментот кога ја превзедов функцијата градоначалник во 2017 година, до денес, реализирани се голем број капитални проекти.
На пример, секоја година се реализираат барем по 5 поголеми и 5 помали капитални проекти, согласно буџетските средства.


Околу домашните и странските инвестиции, разговарано е со повеќе домашни и странски инвеститори и она што како општина можеме да го понудиме, од ресурси, е понудено на инвеститорите. Сепак до денеска, за жал, нема голема инвестиција која во значителни размери ќе влијае во јакнење на економската моќ на општината. Што се однесува до малите и средни бизниси, тие секојдневно се отвораат и има одредено движење во однос на отворање на нови работни места, меѓутоа тоа не е од значителни размери.

Извор: Javnaadministracija.mk

Прочитајте