За да овозможи поголема споредливост на надоместоците што ги наплаќаат одделните даватели на платежните услуги, во согласност со член 184 став (5) од Законот за платежни услуги и платни системи, Народната банка на Република Северна Македонија објавува споредбени податоци на надоместоците поврзани со платежната сметка наведени во посебна листа на најрепрезентативни услуги.
„Најрепрезентативни услуги“ се најчесто користените услуги поврзани со платежната сметка за кои корисниците на платежните услуги плаќаат надоместоци. Согледувајќи ги навиките и потребите на корисниците, Народната банка на Република Северна Македонија пропиша стандардизирани термини и дефиниции за најрепрезентативните услуги дефинирани во листата. На овој начин се обезбедуваат воедначени информации за висината на надоместоците што давателите на платежните услуги ги наплаќаат за стандардизиран сет на најчесто користени услуги.
Надоместоците ги утврдуваат давателите на платежните услуги, при што се должни да ги почитуваат ограничувањата и обврските коишто произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи.
Давателот на платежните услуги е должен на потрошувачот да му даде информација за надоместоците за најчесто користените услуги во форма на Информативен документ за надоместоците (ИДН), пред потрошувачот да се обврзе да ги користи неговите платежни услуги со склучување на рамковниот договор.
Приказот 1 ги содржи сите актуелни информативни документи за надоместоците во Република Северна Македонија. Приказот 2 овозможува споредбен преглед на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка.


Во случај на промена на некои од објавените податоци и информации, давателите на платежните услуги се должни веднаш да ја известат Народната банка на Република Северна Македонија, заради нивно навремено ажурирање. Давателите на платежните услуги се одговорни за точноста на податоците и информациите, како и за нивното навремено доставување. За неточните информации во врска со објавените надоместоци можете да известите на pretstavkifizickilica@nbrm.mk.
Извор: Народна Банка

























