Во рамки на официјална посета на Атина, Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари билатерална средба со високи претставници од Министерството за внатрешни работи и Националниот центар за јавна администрација и локална самоуправа на Република Грција (ЕКДДА), на која беше потврдена заедничката определба за продлабочување на институционалната соработка и размена на знаења и експертиза во областа на јавната администрација.
На средбата присуствуваа заменик-министерката за внатрешни работи на Република Грција, г-ѓа Параскеви Харламбојани, претседателот на ЕКДДА, г-дин Василис Егзархос, раководителката на Академијата за професионален развој на административните службеници, д-р Ангела Бурбули, раководителот на Националното училиште за јавна администрација, г-дин Анастасиос Хондројани, како и генералната директорка на „Reform Greece“, г-ѓа Адамантија Манта.
По билатералната средба се потпиша и Меморандум за соработка меѓу Министерството за јавна администрација и Националниот центар за јавна администрација и локална самоуправа на Република Грција, со кој се воспоставува институционална рамка за долгорочно партнерство во областа на професионалната обука, истражувањето и иновациите во јавната администрација.

Партнерство со ЕКДДА е од особено значење за развојот на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, чија цел е воспоставување современ и одржлив систем за континуирано професионално усовршување. Преку искуствата и експертизата на грчката Академија и Националното училиште за јавна администрација, се отвораат нови можности за унапредување на наставните програми, развој на современи модели на обука согласно европските стандарди и јакнење на професионалните компетенции на административните службеници.
„Со продлабочување на регионалните и европските партнерства создаваме конкретна вредност за институциите и за граѓаните на нашата земја. Нашата цел е професионална, компетентна и ефикасна јавна администрација, а за тоа се потребни знаење, континуирана обука и силни институции. Грчкото искуство е значајно во развојот на нашата Академија и во изградбата на современ систем за професионален развој на административните службеници“ истакна министерот Минчев.
Ова партнерство претставува уште еден значаен чекор во продлабочувањето на билатералната соработка меѓу двете земји, заснована на меѓусебна доверба, институционално поврзување и размена на добри практики. Преку ваквите иницијативи, Министерството за јавна администрација ја потврдува посветеноста за континуирано јакнење на административните капацитети и унапредување на јавните институции во интерес на граѓаните.
































