spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаВо тек е постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот,...

Во тек е постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот, организацијата и трошоците околу враќањето на жртвите ќе ги преземе државата

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, одржаа заедничка прес-конференција на која изразија сочувство до семејствата и блиските на загинатите од трагичната сообраќајна несреќа која се случи во Бугарија, и ги соопштија сознанијата за несреќата кои овој момент се познати, како и активностите што ќе бидат преземени.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на прес-конференцијата истакна дека со бугарското министерство за надворешни работи се воспоставени неколку директни линии на соработка со вклученост на искусни дипломати и конзулари од различни директорати, со што се покриени сите потреби за координација на институциите и дипломатска активност на Министерството.

Османи соопшти дека со Бугарија веднаш беше договорена измена на КОВИД протоколите со што им се овозможува влез на сите блиски роднини на настраданите лица во тешката сообраќајна несреќа да патуваат за Софија, без да приложуваат било каков документ во врска со КОВИД-19, и дека е изготвен протокол за употреба на СОС телефонот во МНР, со цел да им се излезе во пресрет на големиот број барања на граѓаните за информации во врска со нивните најблиски.

Во амбасадата во Софија, рече Османи, се испратени и двајца искусни дипломати како дополнително засилување во амбасадата за да се олесни координацијата на активностите меѓу институциите овде во Скопје и во Софија, кои по завршување на процесот на идентификација ќе ја подготват и организираат постапката за пренос на телата на починатите.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски соопшти дека со неговиот бугарски колега Рашков е договорена заедничката координација на претставници на Министерството за внатрешни работи од униформираната и сообраќајната полиција, како и од Одделот за криминалистичко-технички испитувања со нивните бугарските колеги.

Спасовски додаде дека покрај претставници на МВР, во Бугарија се и претставници на неколку стручни служби од нашата држава кои ја понудија експертската помош, како и на нашето обвинителство кои на колегите од бугарското јавно обвинителство ќе им ја обезбедат и предадат целокупната потребна документација.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека очекува брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и дека со заедничка соработка со Бугарија многу брзо ќе имаме одговор на сите прашања околу оваа трагедија, и информираше дека во доменот на податоците со кои располага МВР последната извршена проверка за техничка исправност на автобусот е направена на 5 октомври оваа година.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски информираше дека врз основа на критериумите за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот „Беса транс“, ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година, односно има уредна лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.

Бочварски уште појасни дека во системот на Министерството за транспорт и врски конкретниот превозник е заведен со 4 возила кои поседуваат лиценца за превоз, но откако се добиени информации од Министерството за внатрешни работи за опожареното возило, констатирано е дека тој автобус не бил пријавен од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски.

Министерот за транспорт и врски Бочварски соопшти дека согласно досега добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за конкретното возило, врз основа на член 12 став 2 алинеја 1 од Законот за превоз во патен сообраќај, во тек е постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот, и дека на денешната седница Владата го задолжи Државниот инспекторат за транспорт за изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс“.

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

МОН: Јаневска – Францускиот јазик е дел од нашата историја, но...

0
Македонија и Франција се две европски држави со заеднички стремеж кон јакнење на меѓусебната соработка, што континуирано се продлабочува во сите сфери од заемен...