На маргините на Делфи економскиот форум во Атина, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, имаше тет а тет средба со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас.
Покрај добрососедските односи и интензивирањето на соработката во многу области, Дендиас и Димитров разговараа и за актуелните случувања во регионот. Посебен фокус беше ставен на значењето на отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, како за регионот, така и за кредибилитетот на Унијата на Балканот.
Димитров: “Секогаш истакнувам дека најголем интерес од европска Северна Македонија имаат токму нашите соседи, кои со нашиот успех во пристапувањето кон ЕУ, обезбедуваат успех и за самите себе како шампиони во регионот, и Грција е одличен пример за тоа.“
Грчкиот министер Дендиас истакна дека Грција е цврсто посветена на европската иднина на регионот и дека посакува одржување на меѓувладини конференции, како прв чекор во пристапните преговори, и со Северна Македонија и со соседна Албанија.