Деновиве започна изградбата на улицата бр.4 во село Црник, Општина Пехчево, која води кон муслиманските гробишта. Станува збор за извршување на земјени работи и вградување на бекатон плочки со вкупната должина на улицата од 370 метри, и со широчина на коловоз од 3,5 метри.
Градоначалникот Александар Китански, при посетата на градежните работи на улицата, истакнува дека со изградбата ќе се реши големиот и горчлив проблем на жителите на село Црник.„Должината на оваа улица изнесува 370м, која опфаќа и изградба на потпорни ѕидови. Постоечката улица е со земјан коловоз и при дождови е тешко проодна. Со изградбата ќе решиме еден огромен проблем пред се на оние граѓани кои се нејзини најдиректни корисници, но и на сите жители на село Црник, изјави градоначалникот на општина Пехчево, Александар Китански, кој беше на терен и присуствуваше на стартот на градежните активности на оваа улица.
Вкупниот буџет за изградба на улицата Бр.4 изнесува 2 546 503 денари од кои 296 000 денари се за изградба на потпорни ѕидови, додека средствата се обезбедени од Биро за регионален развој, а изведувач на градежните работи е фирмата „СД-Транс„ ДООЕЛ Славе извоз-увоз с.Звегор, Делчево.
Согласно Договорот улицата треба да биде изградена до крајот на оваа година.
Инаку, Градоначалникот Китански, додава дека започната е изградбата на ул.2 и ул.3 во село Црник, а најавува дека после изградбата на овие улици, следува реконструкција и рехабилитација на улиците во градот и другите населени места.
Со реализација на сите планирани градежни активности за реконструкција на улици и патишта, значително ќе се подобри патната инфраструктура на целата територија на општина Пехчево.
Извор: Општина Пехчево