Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со заменик помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
На средбата, министерот Османи изрази благодарност за континуираната поддршка од САД за реализација на нашите стратешки цели, притоа истакнувајќи ја значајната улога на нашите американски пријатели за постигнување на долгорочна стабилност, демократизација и просперитет на земјава и регионот како целина.
“Благодарни сме за посветеноста и фокусот што САД го даваат на регионот на Западен Балкан, како и за недвосмислената поддршка за надминување на актуелните предизвици и што поскоро започнување преговори со Европската унија. Постигнувањето напредок на нашиот евроинтегративен пат значи и потврдување на кредибилитетот на ЕУ, но и гаранција за надминување на разликите и помирување во регионот, потврдување на нашата гео-стратешката ориентација, како и најсигурна инвестиција во стабилноста на нашите простори.”– истакна Османи
Воедно, соговорниците разменија мислења за билатералните односи, оценувајќи ги како исклучително блиски и пријателски, засновани на стратешко партнерство и се согласија во претстојниот период да работат на натамошно унапредување на политичкиот дијалог и соработка. Во контекст на економската соработка, изразија задоволство од влегувањето на компанијата „БЕХТЕЛ“, која ќе ја гради исклучително важната делница од Коридорот 8 во нашата држава, а воедно изразија надеж дека интересот на американските инвеститори за земјава ќе продолжи да се зголемува.
На средбата стана збор и за актуелните безбедносни предизвици, а беше разгледана и соработка во рамките на ОБСЕ, особено во подготовката за нашето претседавање со организацијата во 2023 година.