Претседателот на СДСМ и заменик министер за финансии Димитар Ковачевски учествуваше на седмиот состанок на Иницијативата „Отворен Балкан“ кој се одржа во Тирана, Република Албанија.
На состанокот беа потпишани важни Договори со кои граѓаните и компаниите на земјите од регионот добиваат олеснети услови за движење, работа и трговија по примерот на европските земји. Како заменик министер за економија, претседателот Ковачевски е дел од потписниците на овие договори.
-Договорите кои денес ги потпишуваме се влог во иднината, зајакнување на економската соработка и односите меѓу народите на Балканот. Компаниите и граѓаните на земјите од регионот добиваат олеснети услови за движење, работа и трговија по примерот на европските земји. Верувам дека оваа иницијатива ќе се проширува, зацврстува и ќе придонесе кон економски стабилен и развиен Балкан. “Опен Балкан“ значи економски стабилен и развиен регион, е ставот на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Откако договорите ќе бидат ратификувани во парламентите на државите, граѓаните се стекнуваат со можност слободно да се движат и да работат во секоја од нив. На граѓаните од трите држави во регионот им се овозможува непречен пристап на пазарот на трудот во секоја од трите земји и целосен пристап до електронските услуги.
Со овие олеснувања се очекуваат значајни економски придобивки, економиите се поврзуваат, се олеснува работата на компаниите а се прават и крупни чекори кон европеизација на регионот. Се применуваат европски практики, по принципот на пазарите на ЕУ, се хармонизираат регулативите во интерес на бизнис заедницата и граѓаните.
Денеска, во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ се потпишуваат повеќе мултилатерални и билатерални договори: Договор за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договор за интерконекција за електронска идентификација на граѓаните, Договор за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика, Договори за признавање на одобренијата за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност.
Извор: СДСМ