Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес оствари работна средба со претставници од УНДП. На самиот почеток, тој им се заблагодари за сите досега реализирани проекти во општина Кисела Вода. Потоа, направи кус осврт на планираното во претстојниот период и ги мапираше областите во кои е можна меѓуинституционалната соработка.
Од страна на присутните беше изразена подготвеност за продолжување, но и унапредување на досегашната соработка, со посебен акцент на реализација на проекти кои значат надминување на предизвиците со кои се соочуваат ранливите категории на граѓани, но и остварување на правата на младите лица.
Како прв проект од нововоспоствената соработка, е временото ангажирање на лица за дополнителна помош на негувателите во јавните детски градинки на територија на општина Кисела Вода, за што денес ќе биде објавен и јавен повик.
-Партнерството и поддршката од страна на УНДП, пред се’, во проектите од социјалната сфера, за кои денес дискутиравме, за жителите на Кисела Вода значат отворање на можности за подобрување на квалитетот на живот. Конкретно, на денешната средба повеќе се задржавме на проектите и активностите кои предвидуваат субвенционирана општо-корисна работа, како и на поддршката при спроведувањето на Законот за социјална заштита и Законот за младинска политика. Во таа насока, покрај претставниците на УНДП, присутен беше и претставникот на здружението Хуманост, кое ги обучува и лиценцира другите невладини организации за доследно спроведување на споменатите законски одредби. Денес договорената соработка, ќе донесе побрзо и полесно реализирање на целите кои се зацртани пред нас, а кои значат одговор на потребите на нашите жители. Она што сакам да го истакнам е дека уште денес започнуваме со реализација на договореното, па така, уште попладнево, лицата кои поседуваат соодветна лиценца за негуватели, можат да се пријавувааат за времен работен ангажман во градинките низ Кисела Вода-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Извор: Општина Кисела Вода