Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, вчера пред новинарите и претставниците на бизнис секторот го презентираше развојниот буџет за 2022 година на општината.
Развојниот буџет за 2022 година на Општина Аеродром за капитални инвестиции изнесува 728 милиони денари, а во него се предвидени голем број проекти кои беа ветени во програмата.
Според буџетот, тој е сегментиран во повеќе насоки како: образование, спорт и млади, урбанизам, граѓански сектор, инфраструктура, екологија и животна средина. Во овој буџет детално се објаснети активностите на Општина Аеродром за 2022 година и проектите кои треба да се изработат.
„Чест ми што денеска имав можност да го презентирам јавно буџетот на Општина Аеродром пред јавноста, медиумите и бизнис секторот. Овој буџет предвидува развој на општината во секој сегмент и решавање на голем број проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Ќе изградиме нови градинки, нови паркови, ќе донесеме нови ДУП-ови, проекти за младите кои ги ветивме во предизборната кампања, ќе продолжиме со засилено темпо да ги остваруваме сите тековни активности. Не се работи само за номиналната сума на буџетот, туку и планот за негова реализација. Промените се случуваат, а со нашиот буџет ќе инвестираме во секој дел од нашата општина и ништо нема да биде изоставено“, рече градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Со овој буџет на општината предвидено е инвестиција во повеќе сектори. Подетално во секторот за спорт и млади ќе се инвестира 5.000.000 денари за поддршка на спортските клубови и развој на спортот. Дел од овој сектор е и целосната реконструкција на пет детски игралишта, како и бесплатното пливање за сите првачиња, почнувајќи од септември 2022 година. Во секторот за образование ќе се реновираат сите основни училишта, ќе има нови таблети за прво и четврто одделение, а ќе почне и изградба на три нови градинки во Стар Аеродром, Мичурин и Долно Лисиче. Исто така, Општина Аеродром ќе обезбеди и смарт табли за учениците. Во секторот за урбанизам е планирано нов сквер зад ТЦ „Капитол“, нов ДУП за Горно и Долно Лисиче, почеток на изградба на нова општинска зграда, како и иновациски ХАБ за младите. Ќе се уреди и Усјанскиот канал, кој е еден од најголемите проблеми за лисичани. Исто така, ќе се изгради и парк во Реонски центар „Аеродром“ на површина од над 5.000 квадратни метри. Овој проект ќе биде целосно реализиран оваа година. Преку активна работа на системско решение, Аеродром ќе стане општина со нула корупција. Општина Аеродром ќе оствари многу културно-социјално општествени проекти, а ова лето ќе се одржи и фестивал. Општина Аеродром ќе стави фокус и на екологијата и животната средина.
Општина Аеродром заслужува да биде пример во Македонија во начинот на владеењето и реализацијата на општинските пари.
Извор: Општина Аеродром