Историјата преку многу примери ја посочува живоста и спомените на Офицерскиот дом во Битола од минатото. Еден таков спомен и забележана историја, беа раскажани на средбата помеѓу градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, која како домаќин го прими Грчкиот конзул Ахилес Ракинас пред неговото заминување од градот на друга работна задача.
Средбата се одржа во Офицерскиот дом, како локација која отсекогаш го отсликувала космополитскиот дух на Битола. Во оваа пригода, Конзулот ѝ подари на градончалничката врамен текст од страница од весник од 1936 година, во кој пишува за возвратна посета на Битола на 95 наставници, заедно со директорот на гимназијата од Флорина. Главниот настан, проследен со вечера и музика се одржал во Офицерскиот дом и како што се наведува во текстот „во присуство на генералот Димитријевиќ, градоначалникот, подуправителот на Битола, директорот на гимназијата и директорот на полицијата на градот, кои размениле здравици со претседателот на здружението на работници во основното образование, г. Василикопулос, со генералот, со директорот на гимназијата во Флорина г. Аставес, со што се забележани взаемните чувства на почит и љубов помеѓу двата народи“.
Градоначалничката Петровска се заблагодари на овој редок историски документ, со што уште еднаш беше потврдено историското значење на Офицерскиот дом за градот. Г-ѓа Петровска го запозна Конзулот со градежните активности што се изведуваат во изминатите години на оваа локација, како и за текот на партерното уредување.
Офицерскиот дом се реконструира со средства кои Општина Битола, на иницијатива на градоначалничката Петровска, ги обезбеди со изготвениот проект за којшто доби средства од Европската Унија во рамките на грантовата шема на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК)“, финансиран од ИПА 2 – инструментот за претпристапна помош на ЕУ и ко-финансиран од Владата на Република Северна Македонија, администриран од Светска банка, во вредност од околу 1 милион евра.
Извор: Општина Битола