Со денешната посета, учениците од СЕПУГС “Васил Антевски Дрен”, започнаа со пракса во Општина Кисела Вода. До крајот на второто полугодие, еднаш во неделата, тие на практичен начин ќе можат да го видат и работат она што го учат во училишните клупи.
Во Општината има широк спектар на дејности кои можат да им помогнат да ги совладаат практичните вештини и да ги направат поконкурентни на пазарот на трудот.
-Драго ми е што можеме да излеземе во пресрет на идните правници и економисти, кои тука имаат можност да се здобијат со конкретни знаења и компетенции како подготовка на акти, архивирање на предмети, да почувствуваат како во стварност може да се примени она што го учат во училиште. Наша конечна цел е подигнување на вредностите, стандардите, квалитетот и ефикасноста на образованието, како и создавање на работници кои на пазарот на трудот ќе учествуваат не само со теоретско, туку и практично знаење. Ова пак, ќе значи и придонес кон намалување на младинската невработеност, која е голема болка на нашето општество, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски по средбата.
Извор: Општина Кисела Вода