Општина Центар започнува акција за реконструкција на детските игралишта на нејзина територија.
Вчера, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со општинските служби, направија кратка обиколка и извршија увид во состојбата на постоечките игралишта.
Активностите за реконструкција ќе ги опфатат детските игралишта кај поранешна „Агромеханика“, Градски ѕид Блок 9, игралиштето кај „Трготекстил“, ООУ „Гоце Делчев“ и сите останати кај кои ќе се утврдат поголеми оштетувања. ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ ќе добие ново детско игралиште, а на барање на граѓаните, се разгледува можноста за отворање на уште еден влез, кој ќе води до мини-парк во училишниот двор.
„Излезени сме на терен со цел на лице место да се увериме во состојбата со детските игралишта. Од она што досега го видовме, одредени игралишта навистина се во лоша состојба и имаат потреба од реконструкција. Општината веќе има обезбедено средства за оваа намена и во најбрз можен рок ќе ги замениме оштетените реквизити со нови и поквалитетни“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар апелира до сите жители одговорно да се однесуваат кон детските игралишта, да ги користат совесно и да не ги уништуваат реквизитите. Детските игралишта се јавни добра за сите граѓани и како такви, мора да бидеме одговорни и да не ги уништуваме и оштетуваме.
Извор: Општина Центар